АктуелноЛокално

Мојсоска: Македонија 20 години не може да донесе закон за обештетување на бранителите и семејствата на жртвите

  • Став на Јована Мојсоска – Пратеник во Собранието на Република Македонија и Генерален секретар на Левица

Поразите на македонската држава во една слика. Во пресрет на утрешната седница, кога во Собрание ќе се расправа за блокадата на Законот за бранители, овие две вести ги отсликуваат неизлечените рани од една војна, која политички коректните ја камуфлираат во “конфликт”, каде беа прегазени сите норми на меѓународното воено право, кога во Македонија имаше упад на паравојска од странска држава (која ден денес не екстрадира осудени убијци на деца).

Се чини дека само Македонците не смеат да говорат за неправдите кои им се нанесени, за работниците кои беа изложени на најбрутална тортура и мачење – за подоцна ѕверовите кои ги изложиле на психичко и физичко страдање да добијат министерски титули. Оние кои Груевски ги амнестираше, а Заев им делеше министерски функции.

Македонската држава 20 години не може да донесе закон за обештетување на бранителите и семејствата на жртвите, додека терористите кои беа инволвирани во воени злосторства добиваат највисоки политички функции и се етаблираат како власт 20 години.

Роднините на 12 киднапирани и свирепо убиени Македонци од УЧК во хашкиот случај “Непроштено” никогаш не ја дочекаа правдата и никој веќе не зборува кои терористи биле извршители на ваквите свирепи злосторства (додека Ахмети своевремено тврдеше дека ги знае сторителите). И периодов гледаме како и ДУИ и Вреди се обединети околу едно прашање – дека бранителите треба да се изедначат со паравоена структура која вршеше воени злосторства, налик на теророт на ИСИС?!

Цивили врзани за бандера и дигнати во воздух (случајот Бриони), минирање на манастири, оставање на цивилно население со недели без вода (случајот Липковска брана) – може да биде само ТЕРОРИЗАМ и ништо друго. За каков соживот да говориме, кога политичките елити ги изедначуваат бранителите со терористите кои масакрираа и измачуваа цивили.

А, сите досегашни политичари ја извисија македонската држава и нејзините жртви – во име на коалициските договори.