Праведно оданочување за подобра иднина: Дали е време за прогресивен данок?
Во современите економии, прашањето за оданочувањето е централна тема во креирањето
политики кои ја одредуваат распределбата на богатството и праведноста во општеството.
Прогресивниот данок е концепт што подразбира дека оние со повисоки приходи плаќаат
поголем процент од своите приходи како данок, и често се објаснува како средство за
намалување на економските нееднаквости.
Сепак, оваа тема останува контроверзна – поддржувачите тврдат дека прогресивниот данок е
неопходен за социјална правда и одржлив развој, додека критичарите предупредуваат на
можни негативни ефекти врз инвестициите и економскиот раст.
Во ова интервју разговараме со Анета Манчевска, даночен критичар, секретар на сектор Финансии при Левица, која ќе ги сподели своите ставови за тоа како прогресивниот данок може да влијае врз македонската економија, што значи тој за обичниот граѓанин, и кои се предизвиците со кои ќе се соочи неговата имплементација.
Антропол: Што е прогресивен данок и како се разликува од рамниот данок?
А.М: Прогресивниот данок е систем каде што даночната стапка се зголемува со растот
на приходите. Оние со повисоки приходи плаќаат поголем процент од своите приходи како
данок. Наспроти тоа, рамниот данок има фиксна стапка што важи за сите, без оглед на нивото
на приходи. Главната разлика е во тоа што прогресивниот данок ја зема предвид способноста
на луѓето да плаќаат, додека рамниот данок е едноставен, но често се смета за неправеден кон
посиромашните.
Антропол: Кои се главните причини за воведување на прогресивен данок во една
економија?
А.М: Главната причина е намалувањето на економските и социјалните нееднаквости.
Прогресивниот данок овозможува распределба на богатството и создавање праведно
општество. Дополнително, се генерираат повеќе приходи за финансирање на јавните услуги,
како здравство и образование, што придонесува за општествена благосостојба.
Антропол: : Дали зголеменото оданочување на повисоките приходи може да го
поттикне или обесхрабри економскиот раст?
А.М: Во одредени случаи, високите даноци можат да ги обесхрабрат инвестициите
или да предизвикаат одлив на капитал. Сепак, ако се применуваат разумно, можат да
обезбедат ресурси за продуктивни јавни инвестиции, што индиректно го поттикнува
економскиот раст. На пример, во Македонија беше воведен прогресивен данок на личен доход кој се
применуваше од 1 јануари до ноември 2019, кога Владата го стави во мирување на 36 месеци
и требаше да се врати во јануари 2023. Се поставува прашањето, зошто истата година се стави
во мирување? Анализите покажаа даночно избегнување. Обврзниците веројатно одлучиле
своите доходи да ги префрлат во други даночни системи (најмногу во соседните земји) или да
ги префрлат на други лица кои сè уште не го надминале или знаат дека нема да го надминат
прагот за прогресивното оданочување.
Овој обид за реформа даде податоци за анализа, на пример, вкупно изгубените приходи што
можеле да се приберат, а не се прибрале во државната каса, се оценети на 6.5 милиони евра,
што претставува 51.2% од прибраните приходи од прогресивниот и повисок данок на доход.
Тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во
однесувањето на даночните обврзници.
Антропол: Што би им порачале на оние што сметаат дека прогресивниот данок е
неправеден или го гледаат како казна за успех?
А.М: Прогресивниот данок не е казна, туку начин за праведна распределба на
одговорностите. Оние што заработуваат повеќе имаат корист од стабилноста и
инфраструктурата што ги обезбедува државата, па правично е тие да придонесуваат повеќе за
одржување на системот. Но, за жал, притисокот од бизнис заедницата, кои оваа реформа ја оценија како „казнена политика“ за успешните, недоволната доверба во институциите која сè уште не успева да ги
убеди граѓаните и деловните субјекти дека зголемените даночни приходи ќе бидат ефикасно и
транспарентно искористени за јавни услуги, како Ѝ политичкиот притисок кај дел од гласачите,
ја натера Владата на СДСМ да го стави законот во мирување со цел да избегне дополнителна
политичка штета.
Антропол: Дали постојат други начини за намалување на нееднаквостите кои би биле поефикасни од прогресивниот данок?
А.М: Покрај прогресивниот данок, важни се инвестициите во образование, здравство
и поттикнување на домашното производство. Регулирањето на минималните плати во ритам
со животниот стандард на луѓето и воведувањето на таргетирани социјални програми исто
така играат клучна улога.
Антропол: : Дали и после неуспешниот обид за воведување на прогресивниот данок сметате дека е вистинско решение за македонската економија?
А.М: Прогресивниот данок може да биде дел од решението, но мора да биде придружен со пошироки реформи кои ќе го намалат неформалниот сектор и ќе ја зголемат довербата на граѓаните во системот.
Антропол: : Каква е вашата визија за идеално оданочување што би било праведно,
но и поттикнувачко за економијата?
А.М: Идеалниот систем е оној што балансира помеѓу праведноста и ефикасноста. Тоа значи
прогресивен данок со фер стапки, но Ѝ мерки за поттикнување на инвестициите и создавање
нови работни места.