Крмов: Планот на Владата е нивните луѓе да профитираат во енергетската криза

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, вчера на Канал 5 истакна видување за тоа како власта „се справува“, односно зошто не се справува со кризите во коишто се наоѓа Македонија:

„За парното не знаеме дали ќе го има, иако се обезбедени 18 милиони евра – БЕГ тврди дека законски не е обврзан да испорачува топлинска енергија ама затоа нѝ испорачува сметки. Владата има план, а тоа е воените профитери, кои се нивни луѓе, да профитираат од целата оваа ситуација како што се БЕГ, приватните увозници на струја, како синот на Заев.“ 

Дополнително, Крмов направи паралела помеѓу покачувањето на платите и инфлацијата:

„Во врска со храната, ние имаме покачување на платите од 10%, пензиите 7%, а инфлацијата според официјалните органи 17%. Официјално според Владата храната е покачена само за 25%, додека сите други може да забележиме дека покачувањето на храната е минимум 50%. Откупна цена на млекото е 27 денари, додека производителите на млекото го продаваат за 100 денари.“

Според него, замрзнувањето на цените морало да се случи порано, но тоа не се случило бидејќи од ваквата ситуација профитираат луѓе блиски до власта: 

Замрзнувањето на цените мораше да се случи порано, тие намерно не ги замрзнаа на време. Како е можно македонско масло кое е произведено во Република Македонија да се продава за поефтина цена во Косово или Црна Гора?  Власта ѝм овозможува на воените профитери да ги качуваат цените и тие треба да лежат затвор.
Поентата е што сите овие профитери се блиски до власта и ѝм се дозволува да ги покачуваат цените до астрономски суми.“