Изложба „Македонија во светот на хералдиката“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп
На 3 септември (вторник) во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Македонија во светот на хералдиката“ на Македонското грбословно друштво, по повод 8 септември, Денот на независноста на Македонија и 10 јуни, светскиот ден на хералдиката.
На изложбата ќе бидат претставени над 70 грбови поврзани со Македонија почнувајќи од 14 до 21 век.
„Изложбата на 35 панели се состои од два дела, првиот дел е за историски грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија. Вториот дел е за современи македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови“, велат организаторите.
Автори на изложбата се: Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски, од истото друштво.
Промотор на изложбата е публицистот Ставре Џиков.