Актуелно

Левица со амандмани на буџетот бара владата да го зголеми надоместокот за туѓа нега

Буџетот за 2025 година е веќе во собраниска процедура и истиот ја има загубено социјалната компонента како основна задача на државата. Посебно револтирачки за родителите на лицата со попреченост е фактот што во Буџетот за следната година, не се предвидени средства за зголемување на надоместокот за туѓа нега.

Надоместокот за туѓа нега е единствениот додаток кој го добиваат лицата со попреченост над 26 години и истиот изнесува само 5.200 денари – износ којшто е далеку под европските стандарди и под човековото достоинство.

Иако Законот за социјална заштита предвидува надоместок заради попреченост, истиот им е достапен само на лицата со тешка интелектуална или тешка телесна попреченост и потполно слепи и глуви лица. На сите останати категории на лица со попреченост над 26 години не им следува овој додаток, што е срамно за држава којашто во својот Устав се какрактеризира како социјална.

Дополнителен револт кај родителите на лицата со попреченост се јавува и поради фактот што поради законските измени, процедурата за добивање на надоместокот за туѓа нега драстично се отежнува и овие лица мора секоја година да ги вадат сите потребни документи и лекарски извештаи и покрај трајноста и непроменливоста на здравствената состојба на лицата со попреченост.

За овие законски измени Левица алармираше дека се штетни, но тогашната власт на СДС и ДУИ сепак ги усвои, а сега, владата на ДПМНЕ – ЗНАМ и ВРЕДИ, ги продолжува овие лоши практики за сметка на популистички мерки и лажни предизборни ветувања.

Во отсуство на влада која суштински ги решава социјалните проблеми и држава која целосно го има загубено духот на солидарноста со оние на кои им е најпотребна, пратениците на Левица поднесоа Амандман кон Буџетот на РМ за 2025 година, со којшто се бара да се зголеми износот на надоместокот за туѓа нега, напишаа од партијата.