Политико: Г20 не успеа да се договори за глобалниот данок на милијардерите
На состанокот во Бразил, САД ја предводеа кампањата против минималната давачка за најбогатите 3.000 луѓе во светот.
Министрите за финансии на 20-те водечки светски економии не успеаја да се договорат за глобален данок за милијардерите, но ветија дека ќе воведат прогресивни даноци за супербогатите, објави во петокот Политико.
На состанокот во Рио де Жанеиро, министрите рекоа дека ќе започнат „дијалог за правично и прогресивно оданочување, вклучително и за поединци со ултра висока нето вредност“, се вели во текстот на заедничкото коминике објави Политико.
Коминикето ќе биде објавено подоцна во петок и нема да содржи изјава за поддршка за данок од 2% за 3.000 најбогати милијардери во светот, како што се надеваше Бразил, кој моментално претседава со Г20.
Францускиот економист Габриел Зукман, консултант на Г-20 за даночни прашања, тврди дека давачката ќе собере околу 250 милијарди долари на глобално ниво годишно.
„Некои поединци контролираат повеќе ресурси од цели земји“, рече бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва на прес-конференција во средата. Данокот на милијардерите може да помогне во финансирањето на борбата против гладта во светот, додаде бразилскиот министер за финансии Фернандо Хадад, пред да предупреди дека таков даночен режим „нема да се воспостави преку ноќ, бидејќи тоа е многу деликатен механизам“.
За време на разговорите во четвртокот, стана очигледно дека некои влади на Г-20 нема да поддржат таков потег.
„Не гледаме потреба или навистина мислиме дека е пожелно да се обидеме да преговараме за глобален договор за [данок на милијардерите]“, рече американската министерка за финансии Џенет Јелен на прес-конференција. „Сметаме дека сите земји треба да се погрижат нивните даночни системи да бидат праведни и прогресивни.
Германија им се придружи на САД во спротивставувањето на давачката, додека Франција, Шпанија, Јужна Африка, Колумбија и Африканската унија го поддржаа бразилскиот предлог.