Економистот Белоусов е новиот министер за одбрана на Русија
Рускиот претседател Владимир Путин вчера го предложи Андреј Белоусов за нов министер за одбрана на местото на Сергеј Шојгу. Белоусов, кој досега беше прв вицепремиер, по образование е цивил и економист.
Неколку факти за човекот кој ќе го преземе Министерството за одбрана на Русија повеќе од две години по нападот врз соседна Украина:
Андреј Ремович Белоусов, 65 години, е роден во Москва во семејство на советски економист. Дипломирал на Економскиот факултет на Московскиот државен универзитет во 1981 година. Во 2000 година Белоусов беше назначен за хонорарен советник на рускиот премиер, а шест години подоцна стана заменик министер за економија. Од 2008 до 2012 година – во периодот кога Путин беше премиер – тој беше директор на одделот за економија и финансии во владиниот апарат. Во 2012 година беше министер за економија.
Од 2013 до 2020 година Белоусов беше советник на рускиот претседател. Од 2020 година ја извршува функцијата прв вицепремиер. Во истата година, тој накратко го замени премиерот Михаил Мишустин, кога се разболе од Ковид-19.
Во 2017 година, РБК напиша дека Белоусов е еден од луѓето кои го убедиле Путин дека дигиталната економија и блокчејн технологијата се клучни за иднината.
Идниот руски министер за одбрана важи за близок до претседателот, јавија британски медиуми.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков синоќа изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го предложил Андреј Белоусов за функцијата министер за одбрана бидејќи тој ресор треба да биде апсолутно отворен за иновации, воведување на сите напредни идеи и создавање услови за економска конкурентност.
„Многу е важно економијата на блокот да се вклопи во економијата на земјата и да биде во согласност со динамиката на сегашниот момент“, нагласи тој.
Песков објасни и дека поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу, како секретар на Советот за безбедност, истовремено ќе биде и заменик шеф на државата во Комисијата за воено-индустриски комплекс и ќе ги надгледува активностите на Федералната служба за воено-техничка соработка.