Промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска во КИЦ
Во четврток, 14.3.2024 година,со почеток од 19:00 часот во Културно информативен центар ‒ Скопје, Галерија „Империјал 2„ ќе се одржи промоција на збирката раскази „Петкамен“ од Нина Насеска.
Промотор на настанот е Јулијана Величковска
‒ Во своето првенче, збирката раскази „Петкамен“, Нина Насеска ги штити од заборав сите ликови од соседството на кои свикнуваме и ги доживуваме за некако свои и блиски особено тогаш кога нивното отсуство станува повидливо од нивното присуство. Нивните животни приказни и нивните тајни остануваат недообзнанети, закопани заедно со нив. Многу од овие раскази се налик филмовите без конечен крај на приказната, токму како што е и во реалноста. Нина ни прикажува само куси извадоци од животот на нејзините јунаци, некои од нив се и антихерои што се чини дека не се главни ликови ниту во сопствената приказна, маргинализирани, осамени, напуштени, ретко среќни, па прават да се замислиме за сопствениот живот и за нашите односи со луѓето околу нас.
Во оваа збирка раскази доминираат меланхолијата и носталгијата по напуштениот дом, по загубеното детство и детските игри, по починатите блиски, по сето она што можело да биде ако не сме донеле извесни погрешни животни одлуки… но и приказни во кои се чувствува љубовта и семејната топлина, и надеж каква што само децата можат да ветат! ‒ Јулијана Величковска.
Нина Насеска (2002, Прилеп) студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014), романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) и најновото дело „Петкамен“, збрка раскази (2023). Има учествувано на неколку литературни читања, добитник е на повеќе книжевни награди и признанија, а нејзини раскази се објавени во списанијата „Современост“, „Стремеж“ и „Репер“.