АктуелноИнтервјуЛокално

Интервју со Влатко Петрушевски – советник во Општина Ѓорче Петров: Бараме ревизија и укинување на ДУП-от

Влатко Петрушевски од свој агол ја објасни атмосферата, но и постапката по која беше донесен спорниот ДУП во Општина Ѓорче Петров. Тој посочува на низа од опасности доколновиот ДУП се реализира, како и креирање на една нова, огромна населба која во потполност ќе го задуши Ѓорче Петров.

Петрушевски е дециден, дека заедно со преостанатите советници од Левица ќе стори се да дојде до ревизија и до укинување на спорниот ДУП

Спорниот ДУП беше изгласан на вонредна седница, за време на викенд. Која беше потребата и дали е оправдана таквата постапка?

Со самото свикување на вонредната седница, односно образложението на итноста е прекршен два пати деловникот за работа на советот во Општина Ѓорче Петров. Во деловникот јасно е наведено во кои случаи се свикува вонредна седница, а тоа се : При елементарни непогоди или кога е доведена функционалноста на општината во прашање. Во случајот со спорниот ДУП градоначалникот Стојкоски се повикува на втората одредба од  деловникот, односно функционалноста на општината.

Вредно е да се знае дека СЗ 16 е спорен уште од 2013 година заради истите аномалии што ги има и денес. Значи ли тоа дека 11 години или скоро три мандати општината била нефункционална? Втората повреда на деловникот е несвикувањето на комисијата за урбанизам и просторно планирање, во чија работа учествуваат советници од сите политички субјекти во советот на општината. Кога е во прашање итноста, треба се истакне дека сегашното мнозинство во советот предводено од ВМРО ДПМНЕ беше најжешкиот критичар за донесувањето на овој ДУП и играше на картата време, се разбира како тогашна опозиција во 2021 година.

Што ќе значи оставарувањето на ваквиот ДУП за жителите на овој дел од градот?

Дека ова не е ни малку наивна работа покажаа безбројните реакции во јавноста, особено од жителите во овој дел од градот како најзасегнати. Во населбата Александрија која буквално ги разграничува општините Ѓорче Петров и Карпош со носењето на овој ДУП повеќекратно ќе и се зголемат комуналните и инфраструктуралните проблеми, за кои веќе има доста реакции.

Изградбата на предвидените висококатници практично значи изградба на Александрија 2 со нови 2.500  станови или околу 10 000 нови жители, со приближно 2.500 автомобили. Тука сакам да напоменам дека со години наназад Општина Ѓорче Петров руши рекорди по степенот на загаденост на воздухот во република Македонија, така што оваа густо населена градска четврт во буквална смисла на зборот ќе го загуши Ѓорче Петров.

Дали евентуалната реализација на С3 16 со себе носи ризици од технички аспект?

Од технички аспект реализацијата на СЗ 16 носи ризици како за соседната општина Карпош така и за Градот Скопје. Во ова заштитено подрачје поминува дел од главниот цефковод Ф1600 за водоснабдувањето на поширокото градско подрачје. Замислете само едно невнимание при изведувањето на градежните работи што тоа би значело за жителите на градот.

Исто така постои ризик при најавеното проширување на капацитетите на веќе постоечките фабрики за хемиска преработка, да дојде до било каква хаварија во така густо населено подрачје.

Како градоначалникот во вашата општина ги оправдува таквите ризици?

Политичката манипулација на градоначалникот Александар Стојкоски е во секојдневното обраќање до засегнатите страни дека со овој ДУП се предвидува зеленило, ново училиште и градинка. Дури и да е така, новонаселените 10.000 жители за многу кус временски период ќе бидат 15 или 20 000 жители. Оттука прашањето колку детски градинки и колку училишта се навистина потребни? Бидејќи инвеститорот еден ден ќе замине од градилиштето со сиот пресметан профит, а проблемите ќе останат на нашите деца односно на генерациите што доаѓаат.

Што вие како советник во општина Ѓорче Петров може да преземете за да не се случи непожелното сценарио за кое предупредувавте минатата недела?

Како советничка група ќе ги искористиме сите правни алатки што ни се на располагање за ревизија и стопирање на ДУП-от СЗ 16. Заради нелегитимноста на закажаната вонредна седница дел од нашите советници не присуствуваа на овој скандал во советот.

Вредно е да се напомене дека коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ гласаше ЗА ( вклучувајќи го и советникот од ГРОМ) додека опозицијата беше воздржана, заради надежта дека со овој ДУП можеби ќе се изградат ветените градинка и основно училиште.