Димоски: Стоп за Алумина – Стоп за бетонизацијата на Карпош

  • Став на Мартин Димоски – Советник од Левица цо Општина Карпош

“Стоп за Алумина – Стоп за бетонизацијата” или кој ги стави Карпошани пред свршен чин?

Наместо предновогодишно украсување на Општината, предлог ДУП за предновогодишно бетонирање. Факт е! Во Општина Карпош нема простор за чудовиште како во планот. Карпошани немаат никаква потреба од вакво бетонско здание. А кој ги стави Карпошани пред свршен чин?

Почетокот на приказната за Алумина датираат уште од 2007 година кога низ јавноста “срамежливо” се појавија гласините за продажба на земјиштето и изградба на станбено-комерцијален простор.

По четири неуспешни јавни наддавања, Газит Глоуб, како единствен учесник (овој пат за многу пониска почетна цена од претходните наддавања) во наддавањето стана сопственик на фабриката „Алумина“ за 19 милиони евра. Договорот за купо-продажба го потпишал стечајниот управник Ацо Дамчевски откако Одборот на доверители ја прифатил понудата. Покрај земјиштето (кое сега е во фокусот) израелската компанија стекнала и градежни објекти, опрема, транспортни средства и други различни резерви.

Најавувајќи ја како инвестиција од 100 милиони евра во резиденцијално – комерцијален центар кој требаше да вклучува и луксузен хотел, трговски центар и деловни згради, тогашниот министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ и тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ парадираа пред домашните медиуми фалејќи се дека ќе обезбедат над 700 директни вработувања. Во овој период во јавноста беше актуелна и темата за изградбата на т.н. „Сончев Град“ кој исто така требаше да биде граден од страна на израелска фирма која ја пронајде тогашната власт.

По желба и потреба на новиот сопственик (или можеби скриена група на домашни бизнисмени!?) ќе се изготви нов ДУП за тој простор кој предвидува трговски центар и две кули од по 25 спратови комплекс именуван како „G-Mall“.

Кон крајот на 2008 година се појавија и првите рендери и информации за објектот. Тогаш се планирално да биде готов во 2012 година и истиот предвидувал над 250 продавници со вкупна површина од 42 илјади м2 и канцелариски простор од 20 илјади м2.

Во јуни 2009 година Сител објавува вест под наслов „Ултра модерниот трговски центар се уште е само проект“ пренесувајќи изјава од министерот Ташковиќ според кого глобалната криза со недвижности е причината за неотпочнувањето со градбата. По овие објави, директорот на Газит Глоуб за југоисточна Европа, Ронен Ашкенази, ќе изјави дека инвестицијата ќе се реализира, а доцнењето го правдаше со големиот број на процедури. Еден месец подоцна започнува да се расчистува теренот.

Во септември 2009 година во Дневник ќе излезе статија под наслов „Комплексот кај Алумина чека маркичка“. Во истата оваа статија пренесена е изјава од Општина Карпош каде велат дека ДУП-от се’ уште е во фаза на изработка.

Во овој период започнувааат и првите препукувања на релација Стевче Јакимовски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Останува нејасно дали овој план ќе биде „жртва“ на препукувањата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалникот Стевчо Јакимовски за неколку урбанистички планови, кои беа повлечени од дневен ред пред еден месец. Објаснувањето на советниците беше дека им е потребно повеќе време за да ги разгледаат. Јакимовски ова го оквалификува како еден вид блокада, и не сакаше да одговори дали на Владата ќе и’ врати со иста мера за плановите што се приоритет за неа и кои треба да се усвојат во брза постапка. Тоа се плановите за Алумина и за касарната Илинден“ стои во објавата во Дневник.

Во октомври 2009 година во „Нова Македонија“ ќе биде објавен текст под наслов „Зграда од 105 метри среде Алумина“.

По експресното завршување на јавната анкета и останатите процедури на седницата на Советот на Општина Карпош која се одржала на 30 октомври 2009 година, усвојувањето на ДУП-от за Алумина било одложено „поради тоа што Општината се’ уште не добила согласност за усвојување од Градот Скопје.“

Следниот месец советниците во Советот на Општина Карпош го изгласуваат овој ДУП со што практично се надминати пречките за отпочнување на инвестицијата.

Во декември 2009 година во емисијата „Код“ емитувана на Канал 5 објавени се неколку сомнителни работи со целата инвестиција.

Во април 2010 година на протест пред фабриката излегуваат некогашните работници на „Алумина“ кои обивнуваат дека не ги добиле парите кои им се должат, обвинувајќи дека „Алумина“ е класичен пример за тоа како не треба да се води стечајна постапка. На 23 април протестите се селат пред Владата на РМ.

Мај 2010 година – инвестицијата се’ уште не е отпочната. Во изјава за „Дневник“ градоначалникот кажува дека инвеститорите се’ уште не поднеле проект до Општина Карпош.

“Израелците никаде ги нема. Бараа од нас што побрзо да го донесеме урбанистичкиот план, божем сè е подготвено да се почне со градба. Во март дојдоа претставници на фирмата и најавија дека до јуни ќе го достават идејниот проект, врз основа на кој ќе можеме да ја почнеме постапката за издавање градежна дозвола. Поминаа и јуни и јули, а од нив ни трага ни глас. Како што тргнала работава, и израелскиот трговски центар ќе биде една од неуспешните странски инвестиции кои Владата ги промовира”, вели Стевче Јакимовски во изјава за Вест во јули 2010 година.

Во јули 2010 година повеќе медиуми пишуваат за оваа инвестиција, а на нивните барања до Агенцијата за странски инвестиции која беше главен протагонист на овој проект, немало одговор за причините за одложувањето.

Во ноември 2010 година Макфакс пишува дека во февруари 2011 година ќе започне изградбата на трговскиот центар и двете кули.

Во септември 2011 година Плусинфо објавува дека „G-Mall“ се’ уште немал добиено дозвола за градба. Истиот тој период започнува да се гради „Skopje City Mal”

Извадок од Дневник од 10 мај 2012 година од објавата под наслов „Трговскиот кај „Алумина“ не никнува“

„Тој потсети дека откако Владата го продала земјиштето, општинските власти во договор со неа, усвоиле урбанистички план, и тоа по брза постапка.

– Ние ги исполнивме сите услови побарани од нас. Направивме измени и дополнувања во планот и с` беше подготвено градбата да почне, но Израелците с` уште ги нема да пројават интерес – изјави Јакимовски.“

Во меѓувреме се појавуваа бројни шпекулации, но во 2014 година беше повеќе од јасно дека нема да се реализира инвестицијата.

Во 2016 година со одлука на Уставниот суд на Република Македонија укинат е ДУП-от за Градска четврт З 06 (каде спаѓа и територијата на Алумина).

Во декември 2020 година „Пуцко Петрол“ станува сопственик на земјиштето на „Алумина“ за 18 милиони евра купувајќи го од „Газит Глоуб“.

Во декември 2021 година пред советниците на неформален состанок во низата презентирани ДУП-ови се најде и актуелниот кој во моментов е на јавна анкета, а кој овозможува изградба на кула од 105 метри висина и бројни други објекти.

Декември 2023 година ДУП-от е на јавна анкета.

За жал Карпошани најмногу ги чувствуваат последиците од нарачаните закони од страна на урбанистичката мафија, а гласани и спроведени од големите политички партии. Борбата не е само против урбанистичката мафија. Борбата е и против политичките елити како нивни верни извршители.

СТОП ЗА АЛУМИНА – СТОП ЗА БЕТОНИЗАЦИЈА НА КАРПОШ!