Интервју со Мери Георгиевска – Kooрдинатор на Академскиот сенат на Левица
Минатата недела беше одржана конститутивната Седница на Академскиот сенат при Политичката партија Левица. Координатор на ова тело е Мери Георгиевска, по тој повод редакцијата на Антропол спроведе интервју со Координаторот:
- Антропол: Што го поттикна Академскиот Сенат во рамките на партијата Левица и каква специфична улога игра во рамките на партијата?
Во денешницата која ја живееме, во состојба на изместени вредности, време кое во буквалната смисла на зборот станува ликвидно, време во кое неизвесноста околу опстанокот на Републиката станува се поголема, се собравме во Левица со еден неизговорен, но сепак не и сосем премолчлив порив: да покажеме дека Јавниот ангажман овде, а за жал и другаде, веќе некое време не се одзива на поимот Политика. Плодот од идејата беше истиот да го придвижиме или, ако сакате, да го имплементираме во една посуштинска насока.
- Антропол: Како очекувате Академскиот Сенат да се справи со оглед на предизвиците во политичките околности денес?
Академскиот Сенат нема потреба да се справува. Со самото постоење на ова тело при ЛЕВИЦА, делува совршено јасно дека „Академскиот Сенат“ треба да работи кон разбивање на, кај нас бесрамно накотените предрасуди. Мислам на предрасудите околу тоа, дека разумот е несовпадлив со рингот на јавниот ангажман, а особено – политичката борба.
- Антропол: На кој начин очекувате Академскиот Сенат да придонесе кон политичките агенди на Левица?
Сметам дека Академскиот Сенат екстремно многу ќе придонесе, и тоа преку акумулација на квалитетен внес и наплив на мисли, за реалните предизвици на политичкото современие, поткрепена од објективна, научна и аполитичка – но сепак ангажирана мисла, се во насока на една компетентна дијагностика кон идеологијата на Левица, а сепак и нужно да градира кон еден јавен дискурс.
Исто така Академскиот Сенат ќе биде од голема помош кон стратешките концепции на ЛЕВИЦА, во насока на методолошко раздвојување на долгорочните и краткорочните програмски цели, и нивна адаптација кон светските социо-политички трендови. Знаете, самите оперативни тела, поради дневнополитичката прагма, некогаш немаат доволно широк агол на гледање.
- Антропол: Како Академскиот Сенат ќе го засили дијалогот и соработката меѓу академската интелигенција и Левица во формирањето на идеолошките и политички насоки во партијата?
Пред се преку изнаоѓање на ефективни, креативни методи за поттикнување на јавна дебата, особено преку идентификација на слабите точки кај локалниот медиумски естаблишмент, но, не помалку важно, и во сферата на таканаречените социјални медиуми.
Академскиот Сенат е со идеја да го сензибилизира и внимателно декорира деликатниот јазик на домашната, но и регионалната дипломатска заедница, се во насока на избегнување ризици од непотребна, наметната „дисонанса“, особено со оглед на спецификите на Балканскиот регион во овој контекст. Да воспоставува, тивко, но и формално, „мостови“ кон слични форуми и заедници од поширокиот регион, како би се воспоставила посилна врска на нашите стратегии, на стратегијата на ЛЕВИЦА, со денес неверојатно раздвижените регионални и глобални социо-економски и геополитички процеси.
Можеби најважно од се е да пласираме долгорочен „противотров“ за горчливите предрасуди на неспоивоста на разумот и политиката денес и овде.
- Антропол: Како планирате да го охрабрите и вклучите широкиот спектар на академски членови кои може не се активно вклучени во досегашните активности на партијата, во работата на Академскиот Сенат?
Како што веќе сте запознаени, Академскиот Сенат е сочинет од академската сфера внатре во нашата организација, но и од академски граѓани, кои тивко или помалку тивко гравитираат околу ЛЕВИЦА.
Да додадам дека Академскиот Сенат ќе биде тело кое што ќе претставува само по себе еден магнет кој сам ќе ја привлекува нашата академска заедница, со ниет да дава можност на сите заинтересирани во обидот заедно да го вратиме достоинството на умот во јавниот дискурс.
Негувам голема надеж дека, на овој начин, би можело да се постигне каскаден ефект во нашето доста разорено јавно ткиво – особено со оглед на релативната затвореност и сегрегација од страна на медиумите. Ја користам можноста, јавно, овде во медиумите, да се заблагодарам на Претседателот на ЛЕВИЦА – проф. Д-р Димитар Апасиев за неговата идеја да постои едно вакво тело, како и довербата укажана кон мене во процесот на формирањето на истото. Верувам дека несомнено претстои период во кој Академскиот Сенат ќе игра клучна улога во освојувањето на власта.