Централен регистар се огласи за регистрацијата на здружението Цар Борис III: Во законот нема посебни одредби за спорни и негативни личности од историјата

Централениот регистар на Република Македонија во врска со регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис III“ нагласи дека во своето работење секогаш постапува и се води согласно постоечките закони во државата, а во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.

„Централен регистар на Република Македонија во своето работење секогаш постапува и се води согласно постоечките закони во државата.

Во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.

Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се забранува работата за организацијата. Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.“ – образложија од Централен регистар.

Во Законот за трговски друштва во членот 49 стои дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Според порталот „360 степени“ при упис на Здружението во Централниот регистар, меѓу документацијата е поднесена и писмена согласност од Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен бугарски премиер.

На писмената согласност стои датумот 14 октомври 2021 година, а Здружението е основано на 9 ноември 2021 година. Пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021 година.

Според Законот за здруженија и фондации, на кој се повикува Централниот регистар, Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот „Македонија“. Законот не содржи стриктни одредби околу името на некои Здружение, освен дека не треба да се поклопува со име на постоечка организација веќе заведена во Регистарот. Вчера од Министерството реагираа кратко дека кај нив не било поднесено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација.