АктуелноЛокалноСтав

На луѓето мора да им се врати гордоста од сознанието дека се луѓе

  • Пишува Жаклина Свеќаровска – Координатор на Левица – Сектор образование

Човек, колку гордо звучи тоа!“ – Максим Горки

Од почетокот на деведесетите почна процес на трансформација на капиталот. Сето она што им припаѓаше на сите, односно беше општествен имот, почна да се прелева, преку матни зделки и трансакции, во рацете на поединци. Општественото стана приватно. Мал број на луѓе се најдоа од едната страна, со преполни банкарски сметки и имотни листови, а најголем дел од народот – на другата страна, осиромашен, потонат во долгови, изложен на континуиран стрес поради егзистенцијален страв, со целосно нарушен дигнитет и личен интегритет. 

Македонија се претвори во темен вилает бидејќи властодршците низ сите години наназад не повлекоа ниту една црвена линија со цел да ги заштитат националните интереси, туку сè ставија на тезга, па дури и почвата, водите и воздухот. Во ниту еден закон и од ниту една институција не се штити благосостојбата на луѓето, а секаде, секојпат и на секаков начин се штитат интересите на новопечените капиталисти кои се најдоа од другата страна, спротивна од страната на народот, не затоа што се вешти претприемачи, туку бидејќи се дрски арамии кои заедничкото го претворија во свое. 

Луѓето кои почетокот на овој процес ги затекна средовечни, денес, ако го преживеале стресот од стечаите и распродажбата на претпријатијата во кои ја имаат вградено својата младост, преживуваат со бедни пензии на маргините на човечко достоинство. Нивните деца се или разбегани низ светот или се зафатени од брзаците на борбата за егзистенција на недоволно платените работни места, а нивните внуци се заглавени во матрицата на бесперспективност, во лош образовен систем каде училишниот инвентар најчесто е врсник со нивните родители, а училишните згради- со нивните баби и дедовци. 

Една кинеска поговорка вели дека и најдолгото патување почнува со првиот чекор. Кој е првиот чекор кој овој народ треба да го исчекори за да се најде на патека која води надвор од пеколот во кој е заѕидан низ претходните децении лошо владеење и грабеж? Знаењето. Човекот што научил и знае е лош материјал за моделирање роб. При тоа, зборуваме за системско и квалитетно знаење, знаење кое ги осветлува темните места на законитостите на природата, животот и општеството. 

Ако се зборува за системско и квалитетно знаење повеќе од јасно е дека такво може да биде испорачано само од квалитетен образовен систем, односно во квалитетно уреден општествен систем. 

Секој обид за селективно решавање на проблемите во образованието е однапред осуден на неуспех, макар и колку да е добра идејата што го придвижила. Тоа би било како лек кој не ја лекува болеста, само му помага на болниот полесно да живее со неа додека таа го убива. 

Оттука, станува неопходно најпрво да се повлечат црвените линии кои ќе го заштитат највисокиот национален интерес, а тоа е благосостојбата на луѓето што живеат во државата. Ниту еден личен интерес не смее и не може да биде повисок од толку. 

На луѓето мора да им се врати гордоста од сознанието дека се ЛУЃЕ.