АктуелноИнтернационалноЛокално

Левица со иницијативи во советите за хуманитарна помош во Газа

  • Децата во Газа молат за мир – Левица со иницијативи во советите за хуманитарна помош, Соопштение на Левица – Сектор надворешна политика

Застрашувачки се информациите од Газа, каде за неполн месец, само според официјалните статистики се убиени над 5.000 деца, додека античовечките дејствија продолжуваат секојдневно. Бројката на повредени се претпоставува дека е неколкукратно поголема, но за нив нема ниту лекови, ниту основна медицинска грижа.

Моментално во Појасот Газа се нарушуваат низа меѓународни прописи, Женевските конвенции се целосно погазени уште од првиот ден на конфликтот, а исто важи и за Конвенцијата за правата на детето, како основен документ на договорите за Човекови права, каде правото на живот е неприкосновено.

Бројните апели на ООН, претседателот Гутиереш, како и реакциите на УНИЦЕФ не помагаат ниту за прекин на огнот, ниту за вршење некаков притисок од страна на меѓународната заедница врз апартхејдот Израел, за кого е евидентно вршење на бројни воени злосторства на дневна основа.

За спроведувањето на геноцид врз Палестинците и ваков нехуман третман кон децата од Газа нема апсолутно никакво оправдување! Левица апелира до Владата итно да го промени поданичкиот надворешно-политички курс, почне да ги користи алатките како земја членка на ООН и се приклучи на групата земји кои секојдневно работат и повикуваат на прекин на израелската агресија.

Советниците на Левица во општинските Совети започнаа со поднесување на Иницијативи за испраќање на хуманитарна помош за настраданите цивили, жени и деца во Газа! Донациите за помош на настраданите ќе се испраќаат на сметка на Агенцијата на Обединетите Нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA), а кон испраќање на донации можат да се приклучат и останатите граѓани.