Советникот од Левица – Куманово поднесе барање во врска со „Музејот на УЧК“
Изминатиот викенд македонската јавност беше потресена од информацијата дека лидерот на ДУИ – Али Ахмети отвори музеј на УЧК, во кумановското село Сопот. Овој политички чин предизвика бура од реакции кај граѓаните, а истакнувањето карта на Голема Албанија, многумина не го разбраа само како провокација која дополнително разгорува етничка нетрпеливост и говор на омраза, туку и како иредентистичка порака со територијална закана.
Според неофицијални информации кои протекоа во јавноста, овој објект, е граден на државно земјиште, со што истото се узурпирало, без потребната дозвола за градба на објект и без одобрение од Министерството за култура, под чија надлежност се музеите во Републиката.
Исто така, симптоматична беше и изјавата на Градоначалникот Максим Димитриевски, кој изјави дека НЕ ЗНАЕЛ за изградбата на ваков објект, во која многумина се сомневаат, затоа што не станува збор за нешто незабележливо. Се поставува прашањето „Зошто инспекциските служби во Општината дозволиле изградба на објект, доколку за истиот нема документација?“.
Денес советникот на Левица – ЛО Куманово, Никола Лазаревски, согласно неговото законско и деловничко право како Советник поднесе Барање до Сектор за урбанизам на Општина Куманово со кое бара да добие писмен одговор дали објектот познат како „Музеј на УЧК“ има одобрение за градење.
Во согласност од информациите кои ќе ги собереме од државните институции, Левица ќе продолжи со правна битка, против дивоградбата во која се промовираат иредентистички идеи.