По 70 години од почетокот на истражувањата на локалитетот Стибера се прави гео скенирање

За првпат после 70 години од започнувањето на истражувањата на локалитетот Стибера се прави негово гео скенирање со посебен уред на кој се отчитува каде би можеле да се наоѓаат неоткриените градби. Во иднина овие испитувања ќе помогнат многу, ќе се заштеди време и пари, а археолозите точно ќе знаат каде да копаат и што да очекуваат дека може да се открие под земјата.

Овие истражувања се работат во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија и првичните податоци покажуваат дека под земјата има мноштво на ѕидови и градби, но за тоа што поконкретно би можело да има закопано тука ќе треба сите овие добиени податоци потоа да се обработат во посебен софтвер.

До сега со овој уред, кој е единствен од ваков тип во Македонија биле покриени 15 локалитети, а на 5 до 6 од нив веќе биле направени археолошки истражувања и биле потврдени податоците добиени со овој скенер.

Досега во Стибера се откриени само 5%, скоро целиот град е се уште под земја. Во тоа време Стибеа имал 20.000 жители, што во денешни рамки тоа би било еквивалент на една огромна метропола. Градот е на ранг на Стопи, Хераклеа и Скупи.

Античкиот град Стибера лежи на ридот Бедем, с. Чепигово, на 16 км западно од Прилеп, над вливот на реката Блато во Црна Река (Еригон). Почетоците на формирање на градот се во македонско хеленистичкиот период IV- III век п.н.е. Својот процут Стибера го доживеала во II  век н.е. кога е вршена најголемата обнова на објектите во неа и од кога потекнуваат најголемиот број на мермерни скулптури и епиграфски споменици. Остатоците од архитектонска и портретна мермерна пластика и фрагменти од мермерни плочи со натписи, откриени во 2009 год. се потврда за значајната улога на Стибера и нејзините граѓани во рамките на слободните градови во римските провинции. Урбаниот животот во него згаснал во втората половина на III век н.е.