Левица: Гласот на Фрчковски во ООН по однос на резолуцијата за Палестина е срам за Македонија
- Реакција на Левица – Сектор надворешна политика
Во генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации, на предлог на Јордан со 120 гласа „ЗА“ се донесе резолуција во која се повикува на „заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски”, во однос на Израелско-Палестинскиот конфликт. Генералното собранието на #ООН бара од сите страни да ги спроведуваат меѓународните закони за хуманитарни и човекови права, особено во заштита на цивилите и цивилните објекти, со посебен акцент на правата на детето!
Документот повикува на итно, одржливо хуманитарно примирје што ќе доведе до прекин на непријателствата! Израел се обврзува да обезбеди евакуација на палестинските цивили, персоналот на ООН и хуманитарните работници од деловите на Појасот Газа. Исто така се бара ослободување на сите незаконски заробени цивили, нивна безбедност и хуман третман во согласност со меѓународното право.
Со оваа резолуција уште еднаш се потврди дека „праведно и трајно решение“ на израелско-палестинскиот конфликт може да се постигне единствено со мирни средства, преку почитување на релевантните резолуции на ООН, во согласност со меѓународното право и врз основа на решението за создавање на две држави.
Не можеме да не забележиме дека Македонија и нејзиниот претставник во ООН, несудениот претседател Љубомир Фрчковски гласаше ,,ВОЗДРЖАНО” и не ја поддржа резолуцијата во која се бара прекин на едни од најголемите воени злосторства кои се случуваат во современата историја! Ваквото гласање го оценуваме како чин кој уште еднаш го потврдува вазалскиот статус на Македонија, која речиси и да нема сопствена надворешна политика по нејзиното насилното втурнување во воената алијанса НАТО.
Левица изразува згрозување и чувство на срам од одлуката на Владата и МНР за ваквото гласање на Македонија во Генералното собрание на ООН. Нагласуваме дека овој поразителен глас на Фрчковски не го одразува мислењето на најголем дел од граѓаните!
Како единствената парламентарна политичка партија која изрази солидарност со палестинскиот народ, најавуваме дека Декларација во македонското Собрание за солидарност со палестинскиот народ и осудување на воените злосторства е во завршна фаза и наскоро ќе биде поднесена од нашите пратеници.