Границите на синдикалното делување
Иако неопходни за организирање на работничката класа, сепак синдикатите се ограничени во своето делување од страна на доминантниот начин на производство во општеството. Ова воопшто не е критика за синдикатите, ниту пак тврдење дека синдикатите се излишни или надминати, туку е посочување на таа нивна ограниченост, како и согледување дека синдикатите се степен на работничко организирање кое понатаму треба да прерасне во организирање од поинаков вид.
Како што капитализмот станува доминантен начин на производството, така и циркулацијата на стоката (нејзината продажба, без разлика дали на некој трговец, на синџир од трговци или на крајниот потрошувач) е навидум поголема општествена цел од самото производство на стоката. И навистина, за самите газди кои се неверојатно мал дел од популацијата, целта е остварувањето на разменската вредност на стоката преку нејзината продажба, а не на употребната вредност, или со други зборови, за нив стоката се произведува за да се продаде, а не за да ги задоволи човековите потреби.
Јасно е зошто е ова така. Продажбата на стоката е таа што го реализира вишокот на вредност во неа, односно неплатениот труд на работниците. Непродадената стока, иако во себе ја соддржи оваа вишок на вредност, за газдата е бескорисна доколку не се продаде и не ја реализира оваа вредност во профит. Сепак, профитот е движечки мотив на газдата, па продажбата станува негова директна цел.
Затоа, во капиталистичкиот начин на производство, размената (продажбата на стоката) е таа што го води прозиводството. Но, ова се случува единствено како последица на доминацијата на капиталистичкиот начин на производство, а не е причина за таа доминација, и токму од тука произлегува ограниченоста на синдикалното движење.
Имено, синдикатите делуваат во сферата на циркулација на стоката, во сферата на размената, бидејќи се занимаваат со продажбата на работната сила (која станува стока во капиталистичкиот начин на производство и, како и се останато, се продава). Продавачот е работникот, кој се продава себе си де(н)л по де(н)л, а купувачот е неговиот газда. Цената на работната сила е платата што работникот ја добива и фокусот на синдикалното движење е ставен токму на платите. Синдикалната борба е борба за поправедна распределба на богатството (што е и главниот мотив за работничкото организирање!) преку повисоки плати и за подобри работни услови. Но, оваа борба не гледа на нештата научно токму затоа што се задржува на оваа сфера, која е феномен на есенцијалната поставеност на капиталистичкиот начин на производство (впрочем, што е науката ако не тунел од феноменот до неговата есенција, од последицата до нејзината причина), и не стреми да го смени самиот производствен процес кој ја создава оваа неправедна распределба на богатството. Ваквата борба се занимава со последицата (размената на стоката), а не со причината (нејзиното производство и репродукција).
Синдикатите се борат за повисоки плати, но не согледуваат дека единствената причина за ниските плати не е индивидуалнате желба на газдите, туку дека клучна улога игра зголемувањето на продуктивноста на трудот, тенденција во капитализмот, која во име на зголемување на профитот, ја зголемува и унапредува употребата на машините, намалувајќи ја потребата од квалификувана работна сила. Притоа се зголемува и невработеноста, па самиот натпревар помеѓу невработената популација ја намалува вредноста на работната сила. Синдикатите се борат и за подобри работни услови, но не согледуваат дека работните услови се влошуваат како резултат на натпреварот помеѓу капиталистите за поголем профит, нечесто помеѓу оние кои се уште не ја имплементирале новата и унапредена машинерија, па затоа не ја зголемиле продуктивноста на трудот на своите вработени, и оние кои тоа веќе го сториле.
Затоа, синдикалната борба не е ништо повеќе од организирана одбрана на работната сила од нападот на профитот (што воопшто не е мала работа и им пружа бесценета заштита на работниците во времиња кога тие штрајкуваат!), односно, синдикатот единствено стреми да го заштити работникот додека не дојде наредниот период на стабилност. Таа не може да ја зголеми платата значително над вредноста на работната сила, бидејќи тогаш ќе го загрози самото присвојување на вишокот на вредност од страна на капиталистичката класа, а со тоа и нејзиното реализирање во профит, и не може да ги подобри работните услови над лимитот поставен од потребата на индивидуалниот капитал да оддржи чекор со просечната стапка на профит (во спротивно, овој капитал ќе биде заменет со друг, поголем капитал). А новиот период на стабилност повторно ќе доведе до нова нестабилност, бидејќи причините кои ја предизвикале претходната нестабилност се уште не се надминати. Контрадикциите во самиот производствен процес се уште постојат – синдикалната борба нив воопшто не ги надминува, туку станува Сизифов труд на работничката класа.
Синдикалното организирање е неопходен чекор во организирањето на работничката класа, но тој е првичниот, дефанзивен механизам на трудот. За да работничката класа стане офанзивна, потребен е поинаков степен на работничко организирање, кој ќе резултира во креирање на работничка партија која што ќе се стреми кон превземање на политичката моќ од рацете на капиталистите и нејзино препуштање во рацете на работничката класа, како прв чекор кон надминување на капиталистичкиот начин на производство (со тоа и на капиталистичката експлоатација и цикличните кризи од кои најмогу страдаат токму работниците).
Автор: Јован Крајевски