Што медиумите не ви кажуваат за Венецуела?

Државниот удар што се случува во Венецуела не е пуч спонзориран од америка: тоа е американски пуч. Известувањето на мејнстрим-медиумите ги прикажува настаните само како американско признавање на една легитимна уставна исправка на власта. Дури и во леви и во алтернативните медиуми, каде што авторите ја осудуваат американската интервенција, многумина од нив ја чувствуваат потребата да ја докажат својата доверливост со тоа што признаваат дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, е авторитарен водач, или дури и диктатор, кој вториот мандат го добил на избори што биле нелегитимни.

Просечното медиумско раскажување на приказната е дека Хуан Гуаидо, кој во декември беше избран за претседател на Националното Собрание, е прогласен за привремен претседател со образложение дека Мадуро е диктатор чиј избор бил нелегитимен. Секој компонент од таа реченица е погрешен.

Мадуро победи на нелегитимни избори

Ова тврдење нема врска со реалноста на тие избори: тоа е првата песна во венецуелската песнарка за државни удари. Таа се пееше на сите избори откако Хуго Чавез ја освои власта од венецуелските елити и ја врати на народот.

Кога Мадуро ги доби првите избори по смртта на Чавез, набљудувачите од целиот свет ги потврдија изборите како фер. САД беше единствената земја во светот што ги поддржа тврдењата на опозицијата дека имало изборна измама и одби да ја признае власта на Мадуро. Изборите беа потврдени како фер од повеќе од 150 изборни набљудувачи од целиот свет. Беа присутни делегати од Унијата на Јужноамерикански Нации и од Картер Центарот. Џими Картер претходно го окарактеризира изборниот процес на Венецуела како „најдобриот во светот“. Еден американски адвокат за човекови права и изборен набљудувач изјави дека „Она што го најдовме таму беше транспарентен, кредибилен, добро спроведен и темелно ревидиран изборен систем“.

Противникот на Мадуро, Енрике Каприлес, побара ревизија, не само на автоматски ревидираните 54% од машините за гласање (ревизија што не најде проблеми), туку на целите избори. Иако Мадуро рече дека е отворен за стопроцентна ревизија, Каприлес ги повика своите подржувачи да излезат на улиците. Американскиот Стејт Департмент го поддржа неговиот повик за ревизија. Но, и покрај повикот за излез на улица, Каприлес никогаш не го поднесе правното оспорување: кога Изборната Комисија се согласи да ги ревидира останатите машини, Каприлес ги откажа протестите.

На неодамнешните избори што сега се доведуваат во прашање, тврдењето не е дека противникот на Мадуро, Анри Фалкон, освоил повеќе гласови: не освои. Тврдењето е дека изборите се нелегитимни бидејќи излезеноста била мала. Но излезеноста беше мала бидејќи екстремната опозиција ги бојкотираше изборите и ги поттикнуваше своите приврзаници да не излегуваат да гласаат. Мадуро започна низа преговори со опозицијата со медијација на Доминиканската Република и шпански екс-премиер Хозе Луис Родригез Запатеро. За време на преговорите беше договорен датум за избори. Но, во последна минута, пред потпишување на договорот, опозицијата се повлече и одби да го потпише. Родригез Запатеро ја осуди одлуката на опозицијата, велејќи дека не се согласува со неа и дека е изненаден. Опозицијата, со исклучок на Фалкон, одлучи да ги бојкотира изборите, што резултираше со ниска излезеност.

Бојкотот беше стратешки. Мигел Тинкер Салас, професор по латиноамериканска историја на универзитетот Помона и еден од главните светски експерти за венецуелска историја и политика, во лична комуникација ми кажа дека „опозицијата одлучи да ја напушти електоралната арена и ја прифати стратегијата на меѓународен притисок за соборување на Мадуро од власт. Затоа не го потпишаа договорот постигнат минатата година од Хозе Луис Запатеро, кој ќе ја ублажеше сегашната криза“. Кризата можеше да биде мирно и на уставен начин спречена, но екстремната опозиција мислеше дека има поголеми шанси со меѓународен притисок – моменталната ситуација – отколку со избори. Исто така можно е и одлуката да не била целосно автономна и независна. Власта на Венецуела ги обвини САД за притисок врз опозицијата за да се повлече од договорот за избори во корист на стратегија за “промена на режимот“ (regime change). Хозе Родригез, министерот за врски кој беше претставник на владата во преговорите, вели дека тогашниот државен секретар, Рекс Тилерсон, му се јавил на портпаролот на опозицијата, Хулио Боргес, и му дал инструкции да одбие да го потпише договорот.

И покрај бојкотот на екстремната опозиција, Анри Фалкон го покрена она што Мигел Тинкер Салас го нарече „легитимна кандидатура што би можела да му се спротистави на Мадуро“. Имаше вистински избори помеѓу Мадуро и умерената опозиција. Екстремната опозиција, според Тинкер Салас, ги бојкотираше изборите „за да можат да тврдат дека Мадуро немал легитимитет“. Но, постоеше легитимна опозиција.  „Опозицијата во секој случај можеше да се впушти целосно во кампања и да мго оспори Мадуро доколку одлучеа да учествуваат во изборната арена“, тој додаде.

Така што, тврдењето дека ниската излезеност на гласачите ги прави изборите нелегитимни е неискрено, бидејќи тоа беше намерата на бојкотот. И покрај бојкотот, кандидатурата на Фалкон им даде на избирачите вистински избор меѓу Мадуро и опозицијата. И, иако излезноста беше ниска како за избори во Венецуела, Мадуро сепак освои 31% од сите гласачи со право на глас: не од тие што излегле, туку од сите со право на глас. Тоа е подобро од резултатот на Трамп во 2016 или Обама во 2012 година.

Значи, тврдењето дека изборот на Мадуро е нелегитимен е многу слабо. И, дури и да е основано, тоа е вина, или уште пострашно, цел, на опозицијата.

Мадуро е диктатор

Исто како и обвинувањето за изборите, и ова обвинение нема  врска со Мадуро или со сегашната ситуација. Тоа е уште една традиционална песна во песнарката на венецуелската опозиција. Венецуелската опозиција и нејзините американски партнери постојано ги обвинуваат не само Мадуро, туку и Чавез пред него, дека се диктатори. Обвинувањата се нефер.

Чавез беше четири пати избран заедно со мнозински влади. Тој одржа најмалку четиринаесет републички избори и референдуми, овозможувајќи му на народот да ги ратификува неговите политики во просек еднаш годишно. Во секој од тие случаеви, Чавез ја почитуваше волјата на народот: дури и оној пат кога не победи, иако едвај, на референдумот во декември 2007 година. Под водство на Чавез Венецуела имаше многу висок степен на задоволство од неговата демократија и висока поддршка за неговата власт. Тоа не личи на диктатура.

Ниту пак има нови аргументи дури и по последните избори. Обвиненијата што постојано се користат се дека Мадуро ѝ забранил на опозицијата да се кандидира и дека го распуштил Националното Собрание.

Но, на потенцијалните кандидати на кои им беше забрането да се кандидираат, тоа беше сторено поради учество во обид за пуч, за поттикнување насилство или за измама за време на кампања: злосторства што сигурно не би се толерирале во ниедна демократија. Неколку други опозициски лидери одлучија да не се кандидираат и, наместо тоа, да бојкотираат, додека Фалкон се кандидираше и водеше легитимна кампања.

Значи, останува уште обвинението дека го распуштил Националното Собрание откако на изборите во 2015 година го загуби мнозинството во него. Но, Националното Собрание беше распуштено по одлуката на Врховниот Суд кој го прогласи за неспособно. Судската власт, привремено, ги вршеше должностите на Собранието. Законодавното (Национално) Собрание може да се врати во функција ако стане способно. Мадуро, исто така, јасно изјави дека е подготвен да ја дресира неспособноста и да се соочи со народот на нови избори за Националното Собрание.

Американски пуч

Хуан Гуаидо ја презеде власта со изговор дека Мадуро е диктатор што се оддржува на власт преку нелегитимни избори, па така, тој е обврзан, како избран претседател на Националното Собрание, да се прогласи за в.д. претседател. Но, како Мадуро не е диктатор и како изборите беа легитимни, останува само аргументот дека Мадуро не ја извршува функцијата на претседател. А тоа не е точно.

Опозицијата, Америка и нејзините сојузници, како и медиумите, го претставуваат Гуаидо како избран претседател на Националното Собрание, а со тоа и како легитимен претставник на народот. Но, Гуаидо не е избран за претседател на Националното Собрание. Четирите опозициски партии што го контролираат Националното собрание се согласија да основаат ротирачко претседателство. Дојде на ред партијата на Гуаидо. Но, не дојде на ред Гуаидо. Тој дури и не требаше ни да добие мандат. Најмалку три лица во неговата партија беа пред него во редот да ја вршат функцијата претседател на Собранието. Но, тие беа или уапсени, или избегаа од земјата или беа недостапни. Така, претседателството го презеде средно-рангиран анонимус. Тој не беше избран. Тој не го претставува народот. Пред тој самиот да соопшти дека ќе ја преземе власта, 81% од венецуелците никогаш немаа чуено за него. Во Собранието беше избран со само 26% од гласовите. Освен тоа, Собранието на кое тој му е неизбран лидер има рејтинг на неодобрување од 70%.

Иако Гуаидо не е избран лидер на венецуелскиот народ, тој е лидерот избран од Американците. Иако Венецуелците не го познаваат, Американците одамна го познаваат, а можеби тие и го „одгледале“, според извештаите на Ден Коен и Макс Блументал. Неговото прогласување за претседател беше државен удар тесно координиран со Вашингтон. Координацијата се одвиваше во форма на неколкунеделни тајни разговори во кои беа вклучени американски функционери, Гуаидо, американски законодавци и други клучни претставници на опозицијата во Венецуела. Разговорите кулминираа со телефонскиот повик од потпретседателот Мајк Пенс до Гуаидо ноќта пред тој да се прогласи за легитимен привремен претседател на Венецуела, охрабрувајќи го да ја преземе власта. Пенс вети дека Вашингтон ќе го поддржи „ако ги грабне уздите на власта од Николас Мадуро“. Како што беше ветено, Трамп пушти соопштение во кое го призна Гуаидо како легитимен лидер на Венецуела веднаш откако беше објавено преземањето на власта.

Но тајното заговарање на пучот всушност почнало многу пред тоа. Според Њујорк тајмс, „Администрацијата на Трамп минатата година одржуваше тајни состаноци со бунтовничките воени офицери од Венецуела, за да дискутираат околу нивните планови за соборување на претседателот Николас Мадуро“.

Администрацијата на Трамп не само што тајно го подготвуваше државниот удар, туку тајно ја подготвуваше и реакцијата на регионот на државниот удар. Во декември 2018 година Гуаидо се тајно замина за Вашингтон, Колумбија и Бразил, за да ги извести десничарските влади за стратегијата на венецуелската опозиција. Неколкунеделите тајни разговори потоа ја зацврстија коалицијата на десничарските земји од Латинска и од Северна Америка, кои веднаш потоа го признаа Гуаидо.

Најавата потоа беше темпирана за да се совпадне со 23-годишнината од прекинот на диктатурата на Маркос Перез Хименез во 1958 година. Најавата беше темпирна да биде на овој настан, бидејќи Венецуелците од двата политички табори тој ден, традиционално, излегуваат на улиците. Потоа, медиумското известување може да се изманипулира за светот да мисли дека опозициските демонстрации се за поддршка на Гуаидо и за отстранување на Мадуро. Всушност, од тој ден па навака има и про-Чавез контрапротести на улиците на Венецуела, но медиумите ги оддалечија објективите од нив и се фокусираа само на опозициските протести за на светот да му претстават искривена слика за венецуелските улици.

Оваа стратегија и медиумското претставување на Гуаидо како претставник на народот му проектира на светот слика дека жителите на Венецуела го поддржуваат американскиот пуч. Но, дури ни умерената опозиција во Венецуела не го поддржа Гуаидо како привремен претседател. Пред пучот, 81% од Венецуелците изјавија дека се протв американските санкции, а 86% се изјаснија дека се против воена интервенција. И признавањето на Гуаидо и санкциите со кои тој беше поддржан се нелегални според американскиот закон и правилата на Организацијата на Американските Држави и Обединетите Нации, како и според други меѓународни договори чиј потписник се САД.

Ништо ново

Ни ова не е ништо ново. Иако претставен како државен удар против авторитаризмот и нелегитимноста на Николас Мадуро, пучот нема никаква врска со Мадуро ниту со сегашната ситуација. Тоа е долгогодишна политика и пракса на САД во Венецуела.

Еден претходен претседател на Венецуела со лево-наклонети политики, кој се судри со конзервативците, кој владееше како националист, кој беше загрижен од американската моќ и американското влијание во Латинска Америка, исто така беше соборен од власт со помош на САД. Организаторите на пучот долго пред да го извршат се координираа со Соединетите Држави, завреме на подготовките. Кога водачот на државниот удар се прогласи за претседател, САД, како и во овој случај, брзо го признаа и ги спречија обидите на од народот избраниот претседател да се врати на функција. САД беа клучен партнер во државниот удар и во неколку наврати ги испратија морнарицата и американските дипломати како израз на поддршка за пучистичката власт.

Ако мислите дека горенаведената приказна е приказна за Хуго Чавез, го потценувате американскиот интервенционизам во Латинска Америка. Ова се случи во 1908 година, кога САД му помогна на Хуан Висенте Гомез да го собори Сиприано Кастро со државен удар и му овозможи со железна рака да ја владее Венецуела во следните дваесет и седум години.

Приказната на Чавез ќе се случи повеќе од еден век подоцна. Во 2002 година Хуго Чавез со државен удар беше накратко отстранет од функцијата, но народот и војниците го вратија популарниот лидер на власт. Таа приказна е добро позната. Она што е помалку познато, бидејќи дискусиите за државниот удар ретко го содржат овој детаљ, е дека уште на 17 април 2002 година веќе беше откриено дека „официјалните претставници на администрацијата на Буш признаа… дека со месеци разговарале за отстранување на венецуелскиот претседател Хуго Чавез со воените и цивилните лидери од Венецуела“. Сегашниот случај нема никаква врска со Мадуро. Историјата на САД во Венецуела е конзистетен процес за контролирање на венецуелската политика.

Неколку дена по тоа откритие, беше објавено дека поддршката на Буш за државниот удар не почнала со неговото прифаќање на пучистичката власт. Следејќи го истото сценарио како и сегашниот пуч, претставниците на Организацијата на Американските Држави потврдија дека администрацијата на Буш „не само што беше свесна дека ќе се случи државниот удар, туку и го одобри“. Од состаноците на Вашингтон со венецуелските заговорници имало и „голем број средби“ со самиот водач на државниот удар, Педро Кармона. Тие почнале неколку месеци пред пучот. Друг организатор на пучот што се состанувал со Вашингтон, вицеадмиралот Карлос Молина, рече: „Чувствувавме дека дејствуваме со поддршка на САД“. Биле дискутирани детали дури и за тајмингот на пучот. Стејт Департментот подоцна ќе признае дека администрацијата на Буш „обезбедила обука, градење кадри и друга поддршка за поединци и организации за кои се претпоставува дека се активно вклучени во воениот удар“.

Мадуро, лично, во 2015 година ги обвини САД за вмешаност во претходен неуспешен обид за пуч против него. Венецуела тврдеше дека и Канада била поврзана со тој обид за промена на власта. Сега, повторно, Канада брзо ја призна и ја поддржа пучистичката власт. Како доказ за американското учество, венецуелските власти издадоа снимка од соопштение што треба да биде пуштено во јавноста откако владата на Мадуро ќе биде срушен, како и признанија од воени функционери и снимен телефонски разговор помеѓу опозициските лидери како заговараат пуч. За градоначалникот на Каракас, Антонио Ледезма, се знае дека имал телефонски разговори со телефонски број регистриран во САД. Ден пред планираниот државен удар, тој, Леополдо Лопез и Марија Корина Мачадо, двајцата водачи на претходниот обид да се отстрани Мадуро од власт, потпишаа Договор за Национална Транзиција. Во канцеларијата на опозициската партија беше најдено и оружје. Беше известено и дека голем број лидери на државниот удар добиле американски визи од американската амбасада за да си го олеснат бегството ако не успее пучот.

Така што, кога се тврди дека промената на власта во Венецуела е неопходна поради специфичните постапки на Николас Мадуро, се кажува лага. Избирањетона Мадуро беше легитимно, тој не е диктатор и сеуште ја извршува функцијата на претседател. Сегашниот пуч е само најновиот чин во долгата американска драмолетка што се игра во Венецуела.

превод на текст од Антивор