АктуелноЛокално

Почнаа притисоците: Сестрата од Онкологија врши притисок врз новинарката на „Слободен печат“ да не известува за случајот

Новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска, која со месеци известува дека една иста медицинска сестра, младата А.О. од Скопје (која на Клиниката за Онкологија е вработена од својата 18-та година), била пријавена за две кражби на цитостатици на Клиниката за Онкологија (еднаш во 2020 година и еднаш во 2023 година) е мета на притисок од медицинската сестра да не објавува повеќе за нејзиниот случај и ја обвинува новинарката за психолошка тортура. И двете пријави за сестрата немаат судска завршница. Во меѓувреме таа ја обвинува нашата новинарка за психолошка тортура и врши притисок во иднина да се внимава како и што се објавува.

Инаку „Слободен печат“ прв ја објави приказната и за неа пишуваше шест месеци пред предистражната истражната постапка на Обвинителството. На нашето прашање дали е надвор од државата одговор не добивме.

Слободен печат на тацна им ги даде индициите на МВР и Обвинителството за препродажбата на лекови на Онкологија

Редакцијата на „Слободен печат“ ѝ понуди на медицинската сестра фатена со цитостатици во нејзиниот автомобил да биде изнесено и нејзиното видување на настаните меѓутоа таа не се согласи. Целта на приватно испратената порака кон новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска е да ѝ се укаже дека „претерала“ и да престане да пишува. Медицинската сестра откако била вратена на Онкологија, психички притисок вршела и врз двете колешки кои што во 2020 година ги виделе ампулите цитостатици во нејзината ташна, па кога се вратила на работа им ги колнела децата пред цел персонал.

Ваквиот начин на комуникација, предизвикува вознемирување и претставува притисок кон тоа Симоновска да не известува за настанот. Иако во пораките нема експлицитни закани, медицинската сестра наведува дека знае оти новинарката е „мајка, сопруга, ќерка и внука“ и дека „за да ѝ се обрати на овој начин, тоа значи дека претерала“.

Пораките од медицинската сестра фатена со цитостатици кон Мирослава Симоновска упатени ова утро, ќе ги објавиме во целост, во заштита на евентуални напади, закани или идни несакани дејства по нејзината безбедност.

„Читам се, некогаш плачам, некогаш не јадам, некогаш не пијам. Се прашувам една работа, како имаш право некој на ваков начин да го повредуваш, најпрво психички. Не ме познаваш лично, пишуваш така можеби затоа што ти е работа па сакаш да бидеш интересна, можеби имаш нешто против мене (што не верувам бидејќи не сум човек што наштетува на друг човек, најлоша сум за себеси). Секој сноси последици за тоа што го прави, јас многу се носам со моите. Не ти пишувам за да те нападнам или да те навредам, бидејќи и да сакам не можам за никој тоа да го направам. Меѓутоа, во животот не е се работа, јас сум во таа болница од мои 18 години, ако нешто научив тоа е дека во животот е најбитно здравјето. Мирослава, ако те интересира дали патам, патам многу. Штотуку мајка ми почина па се по ред. Многу работи пишувате меѓутоа малку треба да се има човечност. Кога веќе пишуваш за тоа можеби е добро да размислиш и малку кон мене да бидеш човечна. Те замолувам затоа што психички ме упропасти. Имаш можеби деца, можеби не, имаш сигурно фамилија. За да ти се обратам на овој начин верувај ми дека си претерала. Помисли дали тоа што го правиш е исправно или не, затоа што животот е круг, верувај ми се се враќа. Ти се обратив лично и најчовечно да те замолам да престанеш до волку психички да ме упропастуваш. Ти како еден човек, продолжи како сакаш и на кој начин сакаш. Повеќе немам што да кажам и ти си жена, мајка, ќерка, внука. Поздрав“.

Редакцијата на „Слободен печат“ ќе продолжи да известува за евентуалната судска разрешница на случајот со медицинската сестра, а случајот поради безбедност на својата вработена, ќе го пријави во МВР и во еснафските организации.

Преземено од: Слободен печат