АктуелноИнтернационално

Русиja отвори нов коридор: Замина првиот воз преку ИР Иран за Саудиска Арабија

Новиот коридор Север-Југ ги поврзува бродските, железничките и патните товарни линии меѓу Русија, ИР Иран, Азербејџан, Индија и Централна Азија и е пократок од рутата низ Суецкиот канал. Руски транзитен воз со 36 контејнери во текот на викендот помина низ новиот копнен транспортен коридор преку Иран до Саудиска Арабија, објави шефот на иранските железници Миад Салехи.

Салехи истакна дека тоа е првпат транзитниот товар од Русија да помине низ иранската железничка граница Инче Борун во близина на Туркменистан.

Товарот беше испорачан до пристанишниот град Бандар Абас на Ормутскиот теснец и оттаму ќе биде префрлен во саудискиот пристанишен град Џеда по море, објасни ирански претставник.

Иранскиот секретар на Врховниот совет на слободните економски зони, Хоџатолах Абдолмалеки, претходно за РИА Новости изјави дека започна со работа еден од новите транспортни коридори во рамките на поширокиот Меѓународен транспортен коридор Север-Југ (ИНСТК), кој минува низ иранска територија.

Според него, новиот коридор ги поврзува Русија и арапските земји со железница преку Иран и по морски пат преку Персискиот залив.

ИНСТК е алтернатива на коридорот што минува низ Суецкиот канал, а планираниот транзитен систем долг 7.200 километри ќе ги поврзува бродските, железничките и патните правци за движење на товар меѓу Русија, Иран, Азербејџан, Индија и Централна Азија.

Изградбата на овој коридор започна на почетокот на 2000-тите, но реализацијата на овој проект беше итно забрзана по воведувањето на санкции против Русија од Колективниот запад, по што земјата беше принудена да ги пренасочи своите трговски текови од Европа кон Азија и Блискиот Исток.

Вкупниот превезен товар по коридорот лани изнесувал 14,5 милиони тони, а годинава се очекува да бидат транспортирани 17,6 милиони тони, проценува руското Министерство за транспорт.

Меѓународниот транспортен коридор „Север-Југ“ е мултимодална транспортна мрежа на поморски, железнички и патен транспорт меѓу Русија, земјите од Заливот и Индија, со транспортен и претоварен центар во ИР Иран. Коридорот кој ги поврзува Мумбај, Бандар Абас, Баку, Бандар Анзели, Астрахан, Москва, не е предмет на санкции наметнати против Русија и ИР Иран и не подлежи под никакво влијание на Западните земји.

Долгорочно, коридорот може да стане алтернатива на традиционалните рути низ Суецкиот канал, Средоземното Море и Босфорот, бидејќи, според проценките на индиските владини претставници, овој коридор може да ги намали времето и трошоците за испорака за 30-40 проценти.

На стоката што се транспортира преку Суецкиот канал им требаат 45-60 дена за да стигнат до Европа, во споредба со овој коридор каде се потребни 25-30 дена.