ЦУП: Балансерот е контрапродуктивен – Дејствуваат спротивно на принципот на заслуги
Мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги – се вели во четвртиот детален извештај од следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор, спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП).
Наодите и заклучоците од извештајот се во линија на мислењето на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, во кое се вели дека во државата се влошила примената на принципот на заслуги. Дополнително, Комитетот тврди дека процесот е уште по проблематичен бидејќи повисоките позиции се поврзани со висок степен на партизација, што, пак, според нивните извори, е поврзано со тезата дека за вработување во администрацијата апликантите треба да имаат „вистинска” етничка и политичка припадност.
Оттаму препорака на Комитетот е да се избегнуваат мерките што имаат за цел да постигнат ригидна, математичка еднаквост во застапеноста на различни групи, што често подразбира непотребно зголемување на работните места, бидејќи тие ризикуваат да го поткопаат ефективното функционирање на институциите и да доведат до создавање посебни општествени блокови, пишува во извештајот.
Потребна е критичка евалуација на состојбите со цел постигнување на системски решенија кои на долг рок ќе даваат позитивни ефекти. Во момент кога прашањето за „балансерот” повторно се актуелизира, овој извештај дава концизни препораки, увид во состојбите и рамка со решенија базирани на докази. Соодветната и правичната застапеност е поширока концепција и не се базира единствено на бројки, а секако има импликации врз доброто управување како од аспект на управувачките и раководни структури, така од аспект на перформансот на административните службеници, – истакна Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени.
Извештајот претставува системска анализа на начелото на соодветна и правична застапеност преку анализа на алатките што обезбедуваат правична застапеност на не мнозинските заедници, односно примената на инструментот – балансер кој се користи за вработување во јавната администрација. Извештајот ги анализира практиките за вработување во институциите со примена на алатката балансер и дава насоки за негово подобрување. ЦУП смета дека институциите треба овој извештај да го користат како основа за тековните и идните мерки кои ќе се преземат за воспоставување на соодветната и правична застапеност во согласност со стандардите за добро управување во јавниот сектор.
Извештајот е изработен во рамки на проектот „Поттикнување на добро управување и реформи во јавната администрација”, спроведен од ЦУП а поддржан од National Endowment for Democracy (NED). Целиот извештај во прилог.