Левица: Прогресивниот данок не прави ефикасна прераспределба меѓу класите
Програмскиот Сектор Економија на политичката партија Левица излезе со своја реакција за најавениот прогресивен данок. Во продолжение Ви ја пренесуваме реакцијата во целост.
Најавениот прогресивен данок не прави разлика помеѓу работниците и газдите. Избегнувајќи да го даночи прогресивно богатството на газдите, тој создава нови поделби и антагонизми во работничката класа. Во меѓувреме, со скромните „прогресивни“ реформи не може ни да се пополни дупката во пензискиот фонд или последните издатоци од буџетот како резултат на агресивната кампања за НАТО и оддржувањето на консултативниот референдум (чиј резултат не е ни испочитуван).
Кога се разгледува воведување на прогресивни даноци, концептот на средна класа губи значење. Квалитативна, но и квантитативна разлика во богатството, може да се увиди само помеѓу класата на работниците, приморани да ја продаваат својата работна сила за плата за да преживеат, и класата на поседници на капитал, кои ја купуваат таа работна сила со цел да го зголемат своето сопствено богатство.
Средната класа секогаш била една сива зона, која ги опфаќала подобро ситуираните работници и ниските делови на класата на капиталистите. Дефинирана само преку својот доход, кај неа секогаш недостигала таа квалитативна демаркација – поседот на капитал и преку него, на средства за производство во доволна мера за истиот да се репродуцира и акумулира. Воведувањето на оваа класа како посебна единствено ги замаглува границите помеѓу работниците и газдите, во корист на вторите.
Владата, даночејќи го прогресивно доходот, неминовно ќе ги оданочат сопствениците на капитал, но не во мера која што ќе предизвика нивното богатство да се преточи кон посиромашните слоеви во општеството. Причината за ова е едноставна – вистинското богатство на овие индивидуи не се оданочува прогресивно. Нивниот имот, добивките на нивните претпријатија, богатството, луксузот – тие се даночат рамно или воопшто не се даночат, а го претставуваат тој голем дел од колачот кој што е недостапен за мнозинството.
Товарот од ваквиот данок паѓа на оние работници кои се подобро ситуирани. Навистина, тие дополнителни 8% над прагот од 1500 евра не се некој сериозен товар, како што сакаат десничарските апологети да го претстават, но се лицемерни. Да се даночат рамно милионските добивките на компаниите на Анѓушев, Камчев, Јорданов, да се даночат рамно милионските добивки на банките, воопшто да не се даночи нивното богатство, а притоа да се даночи работникот кој некако успеал да оствари приход над 1500 евра само покажува дека целта на овој данок воопшто не е да се реализира една ефективна прераспределба меѓу класите. Напротив, целта е да се покријат буџетските дупки, направени од агресивната НАТО кампања, консултативниот референдум чиј резултат не се ни почитува и од кој знае какви други проекти кои на ниту еден начин не го подобрија квалитетот на животот на граѓаните.
Како пропратен резултат се јавува и антагонизмот помеѓу различните слоеви на работничката класа. Подобро платените работници се чувствуваат обесправено, додека пониско платените работници гледаат привилигиран плач од нивна страна. На овој начин, работничката класа се дели, наместо да се обединува и да се спротивстави на својот заеднички непријател. Ваквата појава, иако не е единствена, е еден од причинителите на новонастанатата ситуација во многу земји, каде што подобро ситуираните работници веќе не се гледаат себе си како работници, а послабо ситуираните работници се потценуваат, небаре е нивна вина што нивната професија не е доволно платена.
Воведувањето на прогресивен данок би било за поздравување доколку:
- Ги оданочи прогресивно добивките на компаниите според големината на добивката, како би се намалила тенденцијата за прекумерна акумулација на капиталот и на неговата политичка моќ во општеството
- Ги оданочи прогресивно добивките на компаниите во однос на исплатените плати, како би се стимулирало зголемување на платите на работниците
- Го оданочи прогресивно богатството на граѓаните, вклучувајќи го и корпоративно поседуваниот имот, како би се избегнала даночната евазија преку прекривање на добивката
- Го оданочи прогресивно доходот, ослободувајќи ги оние граѓани кои имаат доход понизок или еднаков на минималната плата и намалувајќи ја стапката на даночење на доходот понизок или еднаков на просечната плата во општеството, а даночејќи го високо доходот на начин на кој ќе се оневозможи да се избегне данокот преку прекривање на добивката
- Го оданочи прогресивно наследството
- Ја укине максималната горна граница за плаќање на придонесите на платите
- Собраните даноци ги искористи за да инвестира во создавање на државно поседувани претпријатија и во национализација на веќе постоечки претпријатија во клучните сектори на индустријата, а не да ги троши на кампањи и проекти кои се од никаков бенефит за граѓаните
- Ги спроведува овие мерки со цел укинување и надминување на приватната сопственост и општествените реалции кои истата ги репродуцира
Но, една социјалдемократска Влада нема политичка волја да ги спроведе овие нешта и е наивно истото да се очекува од неа. Таа, како и десницата, во однос на капиталот е субмисивна, единствено разликувајќи се во својот „човечки“ лик. Во една ваква ситуација, единствено што останува е да внимаваме парите собрани од овие даноци да не бидат искористени за нови „Скопје 2014“ проекти.
Програмски сектор Економија
9.X.2018