АктуелноИнтернационално

Бизнис инсајдер: Руските војници успешно користат одбранбени тактики од Втората светска војна

Руската војска користи докажани и добро познати тактики од Втората светска војна за да ги постави своите одбранбени позиции, предизвикувајќи им големи проблеми на Украинците на бојното поле.

За време на Втората светска војна, германските војници биле импресионирани од начинот на кој руските војници се утврдувале.

За време на битката кај Сталинград, Советите се покажаа како мајстори на копање ровови и камуфлажа. Германските команданти велеа дека позициите на Црвената армија треба да се уништат што е можно поскоро бидејќи откако Советите ќе се вкопаат, пробивањето низ нив ќе биде ноќна мора.

Руските инженери до ден денес не ја изгубиле дарбата за поставување одбранбени линии, пишува „Бизнис инсајдер“. Тие создадоа густо испреплетена мрежа на утврдувања што ја спречуваат украинската офанзива.

„Руското инженерство се покажа како една од најдобрите гранки на руската војска “, објави неодамна Кралскиот институт за вооружени сили.

Ова не се нови техники, бидејќи руската доктрина за градење утврдувања не е многу променета од крајот на Студената војна, нагласува институтот.

И според британското разузнавање „ Руските градби продолжуваат да ги следат традиционалните планови за утврдување, кои не се променети од Втората светска војна . Исто така и германски експерти ја анализираат и проучуваат успешноста на руската дефанзива.

Сателитска снимка на „Мега-ров“ долг 7 километри, ископан од руски војници во регионот Запорожје

Секоја руска бригада има два инженерски тима, од кои едниот е ангажиран во изградбата на утврдувања, додека другиот расчистува и поставува мини. 

Зад првата линија на вкопани пешадиски позиции, има линија од ровови и бетонски бази за гаѓање, заштитени со низа различни пречки. Секоја од пречките е широка нешто помалку од еден километар и се состои од бодликава жица, бетонски тенковски пречки и противтенковски ровови широки шест метри и длабоки четири метри.

Втората линија не е целосно пополнета со војска, туку ја бранат помали групи војници распоредени во шумски области поставени на високи места, така што тие можат да покриваат широки пространства.

Третата линија, која се наоѓа на околу три километри зад првата, се состои од позиции за повлекување и тајни локации за резервистите.

Сите одбранбени линии имаат силна артилериска и воздушна поддршка од позадина.

„Вкупната длабочина на руските одбранбени утврдувања на некои места е и до 30 километри “, според изјавите на украинските офицери.

Дури и кога инженерските единици не се присутни, руските војници копаат. „Тоа го прават рачно и продолжуваат да ги зајакнуваат своите позиции секој ден“, се вели во извештајот.

Веројатно најимпресивниот дел од руските одбранбени линии се минските полиња , кои немаат недостаток и се импресивни, се вели во извештајот.

Руските мински полиња помогнаа да се спречи неодамнешниот обид за пробив, при кој украинските сили изгубија многу нови германски тенкови Леопард, и оклопни возила Бредли.

Расчистувањето на минските полиња е исклучително тешко, бидејќи руските мини имаат повеќе предизвикувачи на детонација и уреди кои го попречуваат нивното деактивирање.

Западните земји и испратија на Украина одредена количина опрема за расчистување мини, но големото прашање е дали тоа ќе биде доволно за да се постигнат позабележителни резултати на бојното поле, пишува „Бизнис инсајдер“.