Бугар Османи и проруското расположение

Пишува: Саше Јанчев – советник од Левица во Општина Гевгелија

Сеприсутна станува приказнава за проруското расположение кај народот и Левица како проруска партија, а како последен во низата нејзини промотори се јави и Министерот за надворешни, народски познат како Бугар Османи.

Парадоксот е во тоа што таа приказна ја возат оние кои не признаваат ништо освен проамеричко. Надвор од проамеричкото они не гледаат живот. Тоа е еквивалент на смрт, крај на светов. Америка е алфа и омега. Нема Америка, нема свет, нема универзум, нема живот, нема ништо.

Во нивните глави дури ни америчкиот империјализам не е империјализам. Тоа бомбардирање, уништување држави и народи за ресурси и експлоатација за нив е борба за слобода и демократија.

И ако некој е против америчкиот империјализам за нив по автоматизам он е проруски или прокинески расположен. Трето нема. А имало, има и тек ќе има. И од таа позиција овие ликови изигруваат морална вертикала и судат што е правилно, а што не.

Е народот за разлика од нив го гледа силувањето на америчкиот империјализам, негодува и оп, проблем за прогресивниве проамерички љубители на америчката империјална чизма. Си викаат какво ли е ова богохулие? Мора еден огромен дел од народот да се проруски расположени и ова да е плод на руско влијание. Па лепат етикети како тоа било назадно, опасно и не знам уште што.

А едноставно е, народот е единствено среќен што има некоја сила што може да се спротистави на америчкото силување кое го практикуваат по цел свет под изговор дека е борба за демократија и слобода. Не значи тоа дека по автоматизам они бараат истово шо го прави Америка сеа да го прави Русија. Ама проамеричка глава тешко дека ќе го сконта ова оти нели они се мерка на тоа што е и тоа што не е.

Што се однесува пак до Левица, на мода е во Македонија Левица да биде плашило. И тоа не е нов историски тренд во светски размери, ама во Македонија тек сега стана и тоа е добро. Добро е оти судбината на политичката левица е да биде баук за естаблишментот, во спротивно некаде ја греши работата.

Тврдењето дека Левица е проруска го темелат на три работи. Првата е критика на америчкиот империјализам, втората е посетата на членови на Левица на Комунистичката партија на Руската Федерација и третата е приемот на рускиот амбасадор во Собрание кај пратениците од Левица, Апасиев и Крмов.

За првиот основ резонот е ист како и за народот. Ако некој го критикува америчкиот империјализам тогаш автоматски е проруски расположен или е руски бот. А работата е обратна. Во ситуација кога од обични ботови по социјални мрежи, преку портали, “независни” аналитичари и експерти, мас-медиуми, цела влада и речиси сите државни функционери го продаваат америчкиот империјализам ко нешто добро, прогресивно, ко олицетворение на слобода и демократија, ДОЛЖНОСТ Е ИСТИОТ ДА СЕ КРИТИКУВА. Во време на општа измама, каква што е приказната за америчкото ширење прогрес и демократија, кажувањето на вистината е револуционерен акт, не обратно. По истата нивна логика единствено тие што не го критикуваат америчкиот империјализам и кои се спротивставуваат на неговата критика се амерички ботови, а не обратно тие кои го критикуваат да се руски ботови.

Вториот основ, посетата на членови на Левица на Комунистичката партија на Руската Федерација, е смешен. Смешен е затоа што станува збор за опозициона партија, партија која не е на власт во Русија. Не знам како во прогресивните глави на љубителите на америчката империјална чизма, во која се што е проруско, војна и руско влијание, се поистоветува со Путин, посета на идеолошки сродна партија која е опозиција на Путин те прави проруска, про-Путин партија? Ама и до сеа не се покажаа со логиката така што не е за чудење.

Третиот основ, приемот на рускиот амбасадор, е дел од сфаќањето “Америка или смрт”. Рускиот амбасадор побара прием кај сите во Собрание. И тука страшното не е што пратениците од Левица го примија, тука страшното е што ниту еден друг пратеник од останатите партии не си дозволи да го прими. Каков е тој страв, каква е таа америчка контрола и команда која тера 99% од народни претставници, кои треба да застапуваат македонски народни интереси, НЕ АМЕРИЧКИ, да не си дозволат ни да помислат да примат амбасадор на светска сила?

За споредба, америчката амбасадорка во Македонија да побара прием кај пратениците од Левица, истата ќе биде примена. Но се сомневам дека истото ќе се случи оти америчките амбасадори се научени да дојдат со команда и да разговараат со ликови кои се должни да слушаат. Ним им требаат ликови ко Зеленски. Ако му кажат војувај со Русија за амерички интерес по цена да си ја уништиш државата, оти победа во таква војна е научна фантастика, он треба само да прифати. Нема он што да се грижи за интересот на сопствената земја. Единствен интерес е тука америчкиот и сите други мора да се потчинат на истиот.

Е од Левица тој филм не го гледаат. На Левица прв и е интересот на Македонија и тој диктира да не си правиме закачки со големите сили. Се закачивме со Кина за Тајван, Кина стави вето на мандатот на УНПРЕДЕП (воена сила на Обединетите нации, Сила за превентивно распоредување на Обединетите нации) кој беше присутен на границите на Македонија со Албанија и Косово и истите се повлекоа. Потоа, баш таму, ни се случи војна, а главните актери од војната со помош на професионалните патриоти од сегашната опозиција се самоамнестираа за воени злосторства, ни седат во власта дваесет години, се респектабилен коалиционен партнер на двете најголеми партии, си паразитираат на државниот апарат и си спроведуваат етнотрибализам од кој глава не можеме да кренеме. Ете го резултатот од силење кај големите сили.

Украина ни е најсвеж пример што се случува кога мала земја повеќе се грижи за интересите на империјален господар отколку за своите, па во нивни интерес си прави закачка со голема сила. Да се водеа од украински интереси уште 2014 ќе се прогласеа за воено неутрална земја и денес Украина ќе беше цела. Сега е разрушена, куп пребегани, економски уништена, а и територијално унаказена. И најјако од се, истите оние кои ги буткаа кон НАТО и им викаа дека воена неутралност не е опција, сега тие ги убедуваат да се откажат од дел од територијата за да има мир.

Е Левица од Македонија не планира да прави Украина на Балканот и да ја уништи Македонија за странски империјални интереси. Тоа НЕ МОЖЕ! Тоа може од динамичното трио кое постојано се врти на власт и кои “спијат” со народот, верни се на империјалниот господар и за власт спремни се сопствените мајки да си ги продадат.

Левица има друг светоглед. Македонија е мала земја, не е способна да ги спречи ниту па било како да влијае во империјалните пресметки на големите сили но го има секое право да не учествува во нив и го има секое право со сите да соработува во област на економија, наука и култура.

И сето ова не е проруско расположение. Напротив, тврдењето дека ова е проруско расположение е индикатор за проамеричко расположение и проамерички ботови (свесни за нивното ботување или не) навлечени на лижење америчка империјална чизма.