О2 коалиција за чист воздух со одговор на обвинувањата од Стопанската комора
На својот фејсбук профил се огласи иницијативата „О2 коалиција за чист воздух” против обвинувањата за политичка манипулација од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија. Во целост ја пренесуваме нивната реакција.
„Почитувани
Прво да ви се заблагодариме за почитта кон нас граѓаните со потценување на нашиот разум и интелегенција. Да се наречат група граѓани политички изманипулирани не е првпат, секогаш кога не се вклопува во нечија матрица на делување, граѓанинот е изманипулиран. Според политичарите и бизнис елитата не е возможно разумно делување за одбрана на основното човеково право на здрава, чиста и хумана средина на живеење. Граѓанинот е должен да плаќа данок, политичари и да ќути, а сè друго е манипулација.
Со оглед на тоа што изминативе години целата градежна експанзија и урбанизација беше во име на профитот, кој ни го сервираа како развој и урбанизација разбирлива е вашата неспособност да перципирате нешто надвор од вашиот свет на пари и моќ. Но запрепастува вашата дрскост да зборувате за спроведување закони и правда. Па господа, токму поради вашите пари ги деформираа законите до тој степен да не е возможно нешто да се направи, а притоа да не се нарушат основните принципи на здраво и хумано планирање на просторот и основните човекови права загарантирани со Уставот на државата. Уставниот суд, а не општината и нејзиниот градоначалник, ги укина трите ДУПа во Карпош токму затоа што не беше спроведен во согласност со Законот за животната средина и беше нарушено нашето уставно право да се вклучиме во процесот на неговото донесување, зошто да ве потсетиме: Деталните Урбанистички Планови се донесуваат пред сè во интерес на граѓаните што живеат на тој простор, а не во интерес на профитот на инвеститорите кои треба да градат.
Претставките за нивното поништување и поништување на сите дејствија што произлегуваат од нив беа повеќе од 8 месеци во процедура, имаше протести, имаше маршеви на кои граѓаните од Карпош јасно го кажаа својот став што мислат за лудилото што му се случува.
Во Аеродром, пак, граѓаните јасно се изјаснија со стотици анкетни листови, со јасни протестни собири против носењето на ДУПот за И10. И тука, нашиот систем јасно потенцираше дека не постои ниту воља, ниту обид граѓанскиот став да биде земен во предвид. Користејќи ги, токму по ваш терк деформираните закони и манипулативни техники, се најде начин како да се повлчече ДУПот, да се доработи и при тоа да се заобиколат сите граѓански претставки. Ставот на граѓаните на Аеродорм, не само на оние кај Мајчин Дом, туку на апсолутното мнозинство на населбата, е јасен повеќе од ДВЕ години – зграда таму не смее и не може да има. Време е законите и сите акти кои произлегуват од нив, со акцент на урбнистичките правилници, да се преработат и усогласат со правецот кон кој цели ова граѓанско општество – транспарентни процеси од самиот почеток на планирање, па се до вклучување на граѓанскиот сектор во носењето одлуки и креирањето на јавните политики по принципот на одржлив равој. На овој начин не бива веќе, а вашиот обид мaлициозно да се криете зад “законите, правата и правдата” и уште да се обидувате по секја цена да го деградирате и уцените ставот на граѓанинот (поистоветувајќи го со политички одлуки), е во најмала рака дрско, лицемерно и недозволиво во еден демократски систем.
Накратко, уништувањето на Аердром кој поседува и конечни детални планови, создадени во време на урбанизам, стариот добар урбанизам, кој претставува еден школски пример за квалитетно планирање, мора да запре – ова е конечниот став на граѓаните од Аеродром!
Изминативе години бетонските чудовишта ги окупираа нашите маала, ни го крадете зеленилото, ни го уништувате воздухот со необезбедените градилишта, ни ги раскопувате улиците, ни ја загрозувате безбедноста. Имавте доволно време да се запознаете со тоа што го чека просторот на кој планирате да градите, секој добар менаџер треба да знае да ги препознае ризиците и да ги вклучи во планирањето на своите процеси, доколку не сте го направиле тоа, тоа е ваша грешка. Не смеете за вашите пропусти да ги обвинувате другите, најмалку граѓаните. Локалните власти беа избрани токму врз база на ветувањата што ги дадоа во средувањето на овие најголеми проблеми во сите скопски општини, и не заборавете дека ние граѓаните ги избравме да раководат со нашите пари за нашите интереси. А нашиот интерес е здравје и хумано живеење пред сè.”
Граѓански иницијативи:
О2 Коалиција,
Ние сме Карпош 4,
Стоп на загадувањето ,
Го Сакам Аеродром – Go Sakam Aerodrom„
Граѓанска група Карпош 3,
Зелено Тафталиџе