Власта потфрли – Бунарџик ќе биде блокиран над 10 месеци, ТИРЗ без разбирање за потребите на граѓаните

  • Реакција на ЛО Левица Илинден

И покрај протестите и несогласноста на населението од Бунарџик и околните места да се блокира единствениот најблизок пристап до развиениот дел од општината (банки, училишта, продавници, амбуланта), денес ТИРЗ преку нивниот изведувач го блокираа во целост локалниот пат Бунарџик-Кадино, без да овозможат алтернативен пат без претерано заобиколување за граѓаните при изградбата на натпатник со кој двете зони би се поврзале.

Властите предводени од СДС и ДПМНЕ државата ја враќаат во периодот 41-45 кога постоеле концентрациони логори, а ситуацијата во Бунарџик токму наликува како на концентрационен логор, ограда поставена од двете страни на патот, со импровозирана блокада купиште земја на самиот пат, и со знаци забранет пристап. Прашањето до властите е чии потреби треба да имаат приоритет? Дали тие на ТИРЗ Бунарџик и фабриките или треба да се даде приоритет на потребите и животот на граѓаните?

ТИРЗ Бунарџик веќе користи вода од водоводната структура на населеното место Бунарџик, а сега, во знак на благодарност за дадената вода населението го изгуби правото да го користи и локалниот пат кој што постои сто-двеста години.

Како политичка партија ги прашуваме властите дали вака нивните државни органи се спремни да ги блокираат патиштата во Арачиново, Слупчане и други места каде живеат етнички албанци или се осудуваат тоа да го прават во места каде што живеат исклучиво етнички македонци, и зошто е тоа така?

Посочуваме дека ваквиот чекор на ТИРЗ ќе резултира во отсечување на населеното место Бунарџик од развиениот дел на општината и наместо развивање на населеното место ќе има деградација, од многу разбирливи причини, бидејќи граѓаните ќе се соочат со потешкотии своите деца да ги однесат на училиште, на курсеви, да побараат медицинска помош, да отидат на работа, да си обезбедат неопходни прехранбени продукти, функционирањето на јавниот превоз ќе биде ставено под знак прашалник и слично.

Постапката на ТИРЗ не е ниту во согласност со инсистирањето на локалните власти, кои наводно инсистирале прво да се обезбеди алтернативен пат пред ТИРЗ да гради натпатник на локалниот пат Бунарџик-Кадино, а во секоја нормална држава без согласност од локалните власти и населението било кој локален пат не смее да се затвори.

Предвидено е локалниот пат Бунарџик – Кадино да биде надвор од употреба во период од 10 месеци додека се гради натпатникот, а притоа на населението единствена алтернатива се остава претерано да зобиколува по ридски патишта, чија проодност од искуството на граѓаните во зимските месеци е под знак прашање!