Владимир Симеонов: Рачно изработените хај-фај засилувачи го доловуваат природниот звук на инструментите

 Владимир Симеонов е електроинженер од Скопје кој повеќе од три децении  изработува и поправа гитарски засилувачи и останата електронска опрема за музичари (предзасилувачи, гитарски ефекти, напојувања за педали и слично). Неговиот бренд  ВЛАД се угаси во 2013 година, под налетот на евтина кинеска музичка опрема, но Симеонов потоа почна да изработува лампашки хај – фај засилувачи, бидејќи кај нас понудата од светски брендови е мала, а цените енормно високи.  Продадени се околу 120 гитарски и бас засилувачи, најмногу во Македонија, Србија и Косово, кои и ден денес се свират по клубови, вежбални и концерти.

Во интервју за Утрински печат тој вели дека засилувачите на звук со застарена технологија иако тешки и гломазни, повторно се многу барани од едноставна причина – звучат подобро.

Идејата беше, за оние што сакаат да добијат поквалитетен звук од просечните буџет засилувачи од најчесто користените брендови како Маранц, Пионир, Техникс, Ротел, Харман Кардон и слични, да се отиде ниво погоре во надградба на домашниот аудио систем. Целта на хај фај аудиото е што поверно да ги пренесе звуците на инструментите и вокалите.

За тоа ми помогна долгогодишната работа на концерти како техничар за бинска опрема (преку 80 концерти и фестивали, меѓу кои 11 Скопски џез фестивали) каде што на тонските проби сум ги слушал неозвучени најдобрите џез и рок музичари што настапувале во Македонија. И кога се слушаат од непосредна близина, неозвучени, најквалитетните музички инструменти што човекот ги направил, свирени од најголемите мајстори на занаетот, тогаш знаете како треба тој инструмент да звучи на добар хај-фај систем, вели Симеонов во гостувањето во „Утрински печат“.

Неговиот нов бренд Пресидент Аудио може да се пофали со 6 модели засилувачи (излезни и интегрирани) и 3 модели фоно и линиски предзасилувачи. Сите се рачна изработка со техника поинт ту поинт- (без користење печатени плочки) заради повисок квалитет и безбедност, бидејки се користи напон и до 500 волти. Продадени се над 40 парчиња кај нас но и во Соединетите Држави и Турција. Тие нудат верна репродукција на звукот на инстурментите, а имаат и уникатен изглед и не се наменети за музичарите, туку за домашните хај-фај уреди.

Дел од засилувачите на звук кои ги прави Симеонов

Промоцијата и презентацијата на аудио опремата која рачно ја изработува Симеонов е закажана за среда, 7 декември во Културно информативниот центар во Скопје во 20 часот.

Целото гостување проследете го на линкот.