На денешен ден, во 1905 година загинува македонскиот револуционер Никола Карев

На денешен ден, во 1905 година, со својата чета на пат кон Крушево, заедно со многу борци од неговата чета, во нерамна битка со османлиската војска, загинува македонскиот револуционер, социјалист и национален деец и учител, претседател на Крушевската Република, Никола Карев.

Интервју на Никола Карев за грчкиот весник „Акрополис“

Карев, во интервју од 8 мај 1903 г, дадено за грчкиот весник „Акрополис“, во врска со влијанието на Бугарија врз националната борба на македонскиот народ за политичка автономија во своја посебна држава Македонија, одговара на следниов начин:

„Ако Бугарија мисли да нè претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Инаку, нас не нè интересира што мисли Бугарија, туку обрнуваме внимание само на следново: ‘Си ја постигнавме ли целта? Си ја добивме ли нашата слобода?’ Не нè интересира дали ќе нè ослободи Грција или Бугарија. Единствено што може да добие секоја една од нив е само наша благодарност.“

Посмртните останки на Никола Карев, во 1953 година, по повод одбележувањето на 50 години од Илинденското востание, се пренесени во Крушево. Додека на 11 април 1990 година, тие се пренесени во Македониумот, или спомен комплексот „Илинден“, кој во Крушево бил откриен на 2 август 1974 година, по повод триесетгодишнината на заседанието на АСНОМ и 71 годишнина од Илинденското Востание – споменик кој ја означува непокорноста, борбата и вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.