Милан Курјачки: Северна Македонија за грст долари

На вчерашната седница, македонскиот парламент на најгруб начин ја погази волјата на народот, со изгласување на одлуката за пристапување кон уставните измени со која се потврдува договорот со грчката влада, договор кој македонското население јасно го отфрли на пропаднатиот референдум на 30-ти септември. Се покажа дека волјата на народот за власта во Македонија е само незгодна и незначајна  препрека на патот кој го одредиле за оваа земја.

Тој пат е познат – интеграција во структурите на ЕУ и НАТО, кои со одушевување ја дочекаа веста за кршењето на демократските принципи за кои толку многу се залагаат. Ова кршење претставува резултат на несомнениот политички и економски притисок кој овие структури го вршеа врз Македонија, што нас повторно ни покажува дека демократија за народите на Балканот ќе биде дозволена единствено доколку не ги загрозува империјалистичките интереси. Како и во случајот со грчкиот референдум од 2015 година, населението на една мала држава е понижено и соочено со најцинично негирање на било какво самоопределување.

Јасно е дека и националистичките сили во Македонија не се доследно анти-империјалистички, поради тоа што дел од пратениците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со своите гласови потпомогнаа за постигнување на нужното двотретинско мнозинство во Собрание. Националистите, кои беа помеѓу најгласните противници на референдумот, со истата леснотија ја издадоа довербата на народот како и власта. Ослободувањето на неколку од нив од куќен притвор поради минатогодишниот напад во парламентот, во духот на помилувањето со кое беше обземен Заев – баш како и во духот на купувањето на гласови од пратеници во парламентот со цел империјалистичкиот договор да биде усвоен – можеби најдобро илустрира како ЕУ и НАТО ги гледаат ”големите денови за демократијата.

Затоа ова е шанса левицата одлучно да настапи против империјализмот и газењето на демократијата и да покаже дека претставува единствен вистински застапник на интересите на работничката класа на Балканот. Левицата мора да застане во одбрана на самоопредувањето и народната волја и да инстистира на тоа дека само кога балканските народи се обединети во борбата против својот угнетувач, само тогаш можат да ја изборат својата слобода. Националистичките партии сеат раздор помеѓу балканските народи и се додворуваат на империјалистите. Нас ни е потребна обединета и силна балканска левица, која со својата солидарност ќе ја зајакне солидарната борба на нашите народи и ќе ги порази нашите непријатели: националистите и империјалистите.

Автор: Милан Курјачки

Извор: Маркс21