Претставата се вика 2/3, ДПМНЕ е во главната улога

Кога наоколу сите загрижено зборуваат дека мораме да ги надминеме разликите и да застанеме заедно против планот на НАТО за спроведување на Преспанскиот договор и зачленување на Републиката во воениот сојуз, важно е да не се дозволи двојниот агент ДПМНЕ да го инфилтрира движењето и злоупотреби за политички поени.

Во петочната собраниска седница, сите пратеници ја изгубија и последната ронка легитимитет да ги претставуваат граѓаните. Сите до последен го легитимираа тој процес и на ниту еден не може да му се прегледа низ прсти, бидејќи петочната собраниска седница не беше никаков врвен демократски чин, туку една голема претстава за граѓаните во која главната улога ја имаше токму ДПМНЕ.

Секако дека ДПМНЕ не беа „изиграни“ од неколку пратеници. Секако дека најголемата парламентарна партија која што 11 години беше на власт, има изградено доволно силна мрежа за да може да ги контролира своите пратеници. Никој не е толку наивен да верува во приказните на Мицковски, ниту во „големината“ на чинот на исклучувањето на овие пратеници од партијата. Пратениците, дури и навистина да биле уценети (сепак се подложни на политичка корупција, посебно поради нивниот претходен криминал), уцената сигурно не била голема, како што би сакале ДПМНЕ да ја претстават. И тоа воопшто не е поради добродушноста на СДСМ, туку поради фактот дека секоја поголема казна би поставила преседан на политички реваншизам – нешто што на СДСМ би им се вратило како бумеранг во иднина.

Впрочем, причината зошто пратениците на ДПМНЕ гласаа, и тоа баш во доволен број за да се постигне двотретинското мнозинство потребно за уставните промени, е нивната сервилност кон Западот. Истата таа сервилност која што постои кај СДСМ, постои и кај нив. Двете партии се притиснати од Западот (не заборавајте: снимки има уште и сигурно не се само за криминалите на ДПМНЕ, и можат повторно да бидат искористени) и двете партии уживаат привилегии од Западот. Западот го има стапот, Западот го има и морковот, а СДСМ и ДПМНЕ се послушно дволично магаре кое 27 години ја диктира судбината на Републиката.

Впрочем, нивната суштина е иста: бизнис партии со различно лице. Едните глумат националисти, другите глумат прогресивци, а нивните постапки се комплетно идентични: во опозиција ветуваат дека нема да го променат името на Републиката, на власт преговараат и се спремни да го сторат тоа. Тие се поткупливи и контролирани од волјата на капиталот (во овој случај, волјата на западниот капитал), а не од волјата на работниот народ кој мака мачи да скрпи крај со крај во месецот.

Затоа и Бојкотот беше анти-владин подвиг, против сите нив, а не само против СДСМ. Владата овде не се промени во овие 27 години – само ротираа ДПМНЕ и СДСМ. Да биде ситуацијата уште поперверзна и поочигледна, СДСМ е во истата ДУИнг и Амди Бајрам бизнис коалиција во која што беше и ДПМНЕ, а ако утре има избори и ако има потреба, ДПМНЕ повторно ќе ја направи истата таа коалиција.

Затоа, нека не не’ чуди тоа што Мицкоски не повика на Бојкот и тоа што ДПМНЕ ги изгласа уставните промени. Ова не е никаков чин на предавство спрема партијата, затоа што токму ваквото „предавство” е резултат на децениската култура и традиција на ДПМНЕ. Во изминатите години, таа изгради политика на промовирање и штитење на криминогени ликови и насилници чии единствени идеали се лично богатење и стекнување мегаломански имоти, на штета на интересите на обичниот граѓанин кој треба да го претставуваат. ДПМНЕ дозволи компромитирани ликови и криминалци како Канчевска – Милеска, Мукоски и Мијалков да котираат во највисоките структури на партијата и да ги креираат државните и партиските политики. Десетте години на штитење и прикривање на криминали, насилство, апсења на новинари, полициска бруталност, тепање на студенти, цензура на неистомисленици, резултираше токму со тоа завршниот чин на предавство да го нанесе пратеничката Емилија Александрова, роднина на Сашо Мијалков.  

Нивниот умерен отпор против Преспанскиот договор е само за задржување на сопственото членство и гласачкото тело, но притоа мора да се запази дека раководството на таа партија е подеднакво кримогено како и тоа на СДСМ и е надвор од контролата на своето членство. Патриотизмот што ДПМНЕ го продава е евтин популизам во трката за повеќе гласови и наградата да ги спроведува верно западните политики.

Во оваа #НароднаСамоодбрана сите земаат учество и ги надминуваат разликите, разликите кои со децении ни се наметнуваат од естаблишментот. ДПМНЕ, кои заедно со ДУИ активно учествуваат во ширењето на омразата помеѓу македонците и албанците и во потиснувањето и отуѓувањето на маргинализираните заедници, само за профит и политички поени, не се партија која што може да не зближи – напротив, нејзиното учество не разединува. Тоа се покажа и за време на движењето #Бојкотирам, кога излитениот политичар Филип Петровски јавно поставуваше шовинистички слики против албанскиот народ, подгревајќи ја омразата помеѓу етникумите и намалувајќи ги шансите за солидарен Бојкот. Од другата страна пак со иста улога и ефект се наоѓаше Јанко Бачев како испостава на сегашната власт.

Тие разлики и таа омраза мора да се надминат, а не разликата помеѓу работниот народ и спроведувачите на агендата на Западот. #НароднаСамодбрана е возвраќање на ударот, солидарна борба да се зачува и таа мала сувереност што е останата на сите граѓани на Македонија и да се застане против интересот на империјализмот во името на целиот работен народ на светот кој пати од него, а тоа не е помирување со вазалите кои активно и енормно допринесоа да се најдеме во оваа ситуација.