АктуелноЛокално

Левица: Одбележување на Светскиот ден на медицинските сестри – во Македонија професијата на дното

  • Соопштение на Левица – Здравствен сектор

Денес го одбележуваме 12 мај, Светскиот ден на медицинските сестри, што се слави секоја година во чест на роденденот на Флоренс Најтингел- предводничката на денешната професија медицинска сестра. Taa се смета за прв социјален, здравствен реформист и хуманист во XIX век, споменувана како „дамата со светилката“ поради нејзината навика ноќе да ги проверува ранетите војници за време на Кримската војна. Флоренс (1820-1910) здравјето го дефинира како: „Способност на искористување на сите потенцијали со кои човекот располага, а не состојба спротивна на болест“.

Членовите на Здравствениот сектор од Политичката партија Левица во име на сите свои другари и другарки изразуваат длабока почит кон сите медицински сестри во Р. Македонија за вложениот хуман придонес во превенирањето и зачувувањето на здравјето на сите граѓани, особено сега кога државата се соочува со огромен недостаток на медицински сестри. Речиси 50 отсто од здравствените работници во државата се медицински сестри, акушерки и техничари. Денес поради неквалитетното менаџирање на здравството, видливо е дека пациентите се соочуваат со неквалитетен медицински третман и покрај нивната напорна работа.

Почетната плата на една медицинска сестра е изедначена со минималниот личен доход, што e крајно недостоинствено. Во нашата држава недостигаат околу 8.000 медицински сестри и тој број постојано се зголемува. Државниот здравстен персонал во Македонија доживува масовен одлив во приватните установи, но и во странство.

Непланското водење на средните стручни училишта доведе и до немањето смер – Стоматолошки сестри. Тие се крајно дефицитарни, a со закон е утврдено дека секој кој сака да регистрира стоматолошка ординација, приватна или со договор со фондот, има обврска да пријави тим – доктор и стоматолошка сестра. На нивно место несоодветно се примаaт лаборанти, фармацевти, општи медицински сестри и физиотерапевти. Потсетуваме дека до пред 20 години, на секои две години имаше упис за тој смер, но сега го нема воопшто.

Левица ќе продолжи да се залага медицинскиот кадар да остане, да живее и работи во државава. Здравствениот систем не смее да доживее тотален колапс. Се залагаме за ефикасен здравствениот систем достапен за сите граѓани, a не само за привилегираните кои можат да платат во приватните клиники.