Москва го отстранува еврото од државните резерви
Во текот на 2023 година, Москва ќе се ослободи од сите евра што ги поседува во државните резерви, како резултат на напорите да го намали бизнисот во „непријателските“ валути, изјави рускиот заменик-министер за финансии Владимир Количев.
„Годинава дефинитивно ќе се сведе на нула евра“, одговори Количев на новинарско прашање каква е судбината на преостанатите евра во државните резерви.
Тој додаде дека Министерството за финансии на Русија постепено ќе го усогласува составот на резервите со новите стандарди, кои подразбираат дека средствата се чуваат во рубли, злато и кинески јуани.
Новата регулаторна структура за руските државни резервни фондови претходно објавена од министерството ја исклучува можноста за инвестирање во американски долари и воведува флексибилни износи на други валути. Тоа значи и удвојување на максималниот удел на јуани и злато во државните резерви, кој сега ќе биде 60, односно 40 отсто. На нула се сведени и салдата на британската фунта и јапонскиот јен.
Вишокот приход што Москва го заработува од извозот на нафта се складира во руските државни резерви. Резервите служат за финансирање на националниот пензиски систем и, доколку е потребно, за покривање на буџетските дефицити. Државните резерви на Русија на 1 февруари имаа еквивалент од 155,3 милијарди долари.