АктуелноЛокално

Работа има за тој што сака: Велешко училиште добило двајца директори во еден ден

Двајца наставници од основното училиште „Блаже Конески“ од Велес во текот на вчерашниот ден добиле решенија за директори, едниот од градоначалникот Марко Колев, другиот од министерот за образование Јетон Шаќири, споделија медиумите.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев изготвил решение за назначување на в.д. директор откако од просветниот и општинскиот инспектор биле утврдени неправилности во постапката за именување на директор на истото училиште.

Но исто така и министерот Шаќири изготвил свое решение.

„Министерот според оваа постапка се поставил над Законот за основно образование и надвор од неговата надлежност поставил негов директор игнорирајќи ги записниците од инспекторите. Според истиот закон надлежен орган за назначување на директор или в.д директор е градоначалникот, но не и министерот. Очигледно е дека има прекршување на законите во поглед на надлежностите, но дали некој ќе реагира“, соопштија на „А1он“.

Министерот за образование постапувал во сличен случај во средното училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес. Таму најпрвиин ги одземал ингеренциите од градот за хемиското училиште и потоа назначил в.д. директор, но во случајот со основното училиште „Блаже Конески“ не бил испочитуван законот.