АктуелноИнтернационално

Романците и Бугарите нема да влезат во Шенген зоната поради ветото на Австрија и Холандија

Хрватска од вчера е во елитната група земји кои имаат луксуз да патуваат меѓу себе користејќи го безвизниот режим, но Бугарија и Романија ја немаа таа среќа.

Романските и бугарските амбиции за приклучување кон Шенген зоната беа ставени на вето од Австрија со поддршка на Холандија и покрај тоа што Германија и Луксембург се обидоа да ја спречат блокадата, пишуваат медиумите.

Затоа министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреска, ја повика австриската амбасадорка во Букурешт, Аделхајде Фоли да и врачи протестна нота „поради нефер и непријателски однос на Австрија“.

Министерството се закани и дека ваквиот гест на Австријците ќе има последици врз билатералните односи.

Бугарија, која во изминатите денови им се закануваше на Холандија и Австрија со контрамерки доколку стават вето на нејзиниот влез во Шенген, сега изгледа малку ја спушта топката.

Последните реакции кои доаѓаат од Софија се најавите дека прашањето за влез на земјава во безвизниот режим ќе се обиде да се реши до крајот на оваа и во текот на следната година.

Вицепремиерот Иван Демерџиев за бугарските новинари изјави дека прашањето за забраната е политичко, но дека во иднина ќе работи на постигнување компромис и обезбедување дозвола од Австрија и Холандија. Во однос на контрамерките, бугарскиот претставник се закани дека „кога ќе се исцрпат средствата за конструктивен дијалог, ќе каже кои се следните чекори“.

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер цврсто застана на ставот на официјална Виена, барајќи „конечно да се заштити надворешната граница на ЕУ и драстично да се намали бројот на илегални мигранти“. Тој рече дека гласал против приемот на Бугарија и Романија во Шенген бидејќи тaa заедница во моментов не функционира.

На изјавата дека помал број мигранти кои бараат азил во Австрија доаѓаат преку Романија, а поголем дел преку Србија и Унгарија, како и дека Романија е „гневна“ поради постапките на Австрија, Карнер рече дека и тој е лут.

„Јас сум лут поради начинот на кое тоа беше направено, практично преку ноќ на маса ни беше доставен правниот акт. За проширување на Шенгенот зборуваме повеќе од една деценија, и сега одеднаш го добивме актот без да го подготвиме населението за прашањата дали тоа носи поголема безбедност или ризик, додаде Карнер.

„Имаме најголем број бегалци од 1956 година. Подобро да се каже илегални мигранти, бидејќи знаеме дека повеќето од нив се економски бегалци. Не можам да го игнорирам тоа. Ова се фактите со кои треба да се справи министерот“, рече Карнер.

Инаку, Австрија до ЕУ достави план од пет точки, чиј клучен услов е да се донесе правилникот за протерување, односно реадмисија на лица кои немаат право на азил.