Левица – Кичево: Самоволието на директорот Мазлам Османи го деградира делото на „Кочо Рацин”

Од локалниот огранок на Левица – Кичево денес реагираа за постапките на директорот на Центарот за Култура – „Кочо Рацин”, Малзам Османи.
Покрај поднесената кривична пријава за кривично дело „повреда на угледот на Македонија“ поради поставената табла само на албански јазик, намерно изоставаќи ги државните симболи на Македонија, Османи продолжува со самоволието деградирајќи го делото на „Кочо Рацин”.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица – Кичево:


„Во Националната Установа Центар за Култура „Кочо Рацин“ – Кичево, директорот Мазлам Османи континуирано врши злоупотреба на службата и овластувањата како раководно лице – директор.

Имено, официјално веќе има една кривична пријава поднесена од МВР Кичево, затоа што постави на тревникот и во библиотеката голема табла само на албански јазик со логото на Албанија, намерно и свесно изоставувајќи ги државните симболи на Република Македонија. За овој случај, против директорот Османи беше поднесена кривична пријава за кривично дело „повреда на угледот на Македонија“, чиј исход уште не е познат за јавноста.

Дополнително, директорот Османи ја испразни половина библиотека, при што материјалите несоодветно се оставени по ходниците, без никаква грижа за нивната непроценлива историска вредност.

Иако има официјална фејсбук страница, националната установа „Кочо Рацин” креира уште една страница, која е само на албански јазик. Самоволието на директорот продолжува и со обележјата на установата, при што исфрлено е логото Кочо Рацин (кое е во Статутот) и во јавните објави пишува само „Дом на култура”, наместо целото име како што е во актите – НУЦК “Кочо Рацин”.

За истиве проблеми пишуваа неколку медиуми, но изостанува било каква реакција од власта за ваквите незаконски и неодговорни однесувања на директорот. Се поставува прашањето, кој е интересот на министерката за култура, Ирена Стефоска и на владата на СДСМ за штитењето и неразрешувањето на директорот Мазлам Османи?”