Апасиев: Не може чиновници и швалерки да бидат уставни судии

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ ја критикува и работата на Уставниот суд. Партијата има поднесено десетина иницијативи пред овој суд, но како што вели Апасиев, не очекува ништо, особено не со ваков состав на уставни судии.

Имаме поднесено околу десетина иницијативи, но, мислам дека нема спас со ваков кадар. Кај нас не можат да сфатат, ниту правната фела, ниту политичарите, дека уставните судии не се судии кои судат спорови. Дека таму треба да бидат теоритичари, а не практичари. Треба како во германскиот, австрискиот, да бидат професори по право, па и во Франција, кои што се најчесто пензионирани професори.

Тука имате чиновник од министерство кој стана уставен судија или обичен судија. Не може така, тоа не е суд, тоа е политички орган. Тоа е четврта власт и таму ви треба правна доктрина, ви треба теоретско темелно познавање. Професори по Уставно право, кои што се теоретски потковани, а не ви требаат чиновници кои се анонимуси во фелата, или швалерки на овој бизнисмен, на оној бизнисмен, кои стануваат уставни судијки.

Мене како професор по право ми е срам да говорам дека имаме Уставен суд. И видете ги одлуките, тоа не е само експертстка констатација, тоа е емпирија. Се помалку има претставки. Па еден црногорски суд има десет пати повеќе претставки, вели Апасиев.

Тој коментира и за последната иницијатива поднесена од Левица, а за која Уставниот суд одлучи да не поведе постапка.

Самите уставни судии имаат кабает, имаат флека. Поточно, со подзаконски акт си доделија додатоци за ризик во работа и не знам што… Го препишаа тоа од судиите, бидејќи и тие се замислуваат дека судат криминалци, па имаат ризик. Тие судат закони, немаат никаков ризик, апстракни спорови се тоа. И затоа, ако ја укинаа оваа привилегија на пратениците, што е чист случај, ќе значеше дека ќе треба и сопствените да си ги укинат, и, тргнувајќи од тоа, тие не ги укинаа.

Мојот став за Уставниот суд е јасен. Треба лекс специјалис со кој по сила на закон ќе им престане мандатот и таков закон ние имавме во собраниска процедура и тој би бил услов Левица да коалицира во иднина со која било влада.
Не можете таму да лечите. Не можете со сируп да лечите човек кој е на умирање, треба радикални мерки таму.

Лидерот на Левица појаснува и за периодот кога обвини дека бил ставен под будното око на тајните служби, односно кога бил под МИМ мерки, прислушуван и следен.

Не само на домашни, туку и на странски, но, домашните се поиндикативни. Според наши свиркачки информации, ние сме работени од два центри. Едниот е од кај Пендаровски и другиот е од МВР, од АНБ. Јас сум ставен под ПИМ мерки веднаш по радикализацијата на протестите. Бев и физички следен. Имам и слики како ми седат пред станот, а ми ги слушаа и телефонските комуникации. Тие мислеле дека навистина земаме руски пари, тоа им бил мотивот да не стават под мерки. Но, не бев само јас, знам за уште четворица од опозициони партии кои беа прислушувани за време на протестите.

Сличен ваков скандал со прислушување на опозициони пратеници имаше во Грција. Таму за малку ќе паднеше Владата, а кај нас нема ништо. Кај нас тоа се сфаќа за нормално. Јас сум спремен да ја платам таа политичка цена, меѓутоа, тоа би покажало дека нема фер плеј, дека тие го користат целиот апарат за да ве следат, а утре можеби и да ве наместат. Кога тие ви ја знаат шемата на функционирање, можат многу лесно потоа и да ве наместат. Дали со агент провокатор, дали со подметнување или други налудничави сценарија кои што ги имаат, вели Апасиев.

Текстот е превземен од fokus.mk