55 години од катастрофалниот земјотрес што го разруши Скопје
Скопје не е филм, не е трилер каде што го погодуваме главниот настан. Скопје е концентрација на човековата борба за слобода, со резултат кој ги инспирира понатамошните борби и не прифаќа пораз.
Жан-Пол Сартр
На денешен ден, во 1963 година, нашиот град Скопје (тогаш дел од интернационално почитуваната СФРЈ) го зафати силен земјотрес. Како резултат на оваа природна непогода, 1000 до 1100 жители ги загубиле животите, а најмалку 3000 лица биле повредени. Бројот на лица кои останале без дом бил 200000. Здружениот труд на работниот народ, како и домашната и меѓународната солидарност, не само што го рехабилитира градот од претрпените штети туку изгради објекти кои ден денес фасцинираат со нивната убавина, екстравагантност, а воедно и функционалност.
Но, освен природните катастрофи, градовите денеска се уништуваат и преку социјални непогоди и разорни политики спроведувани од властите. Скопје е можеби еден од најочебијните примери за таква социјална катастрофа.
После 90-тите, кога во градот завладеаја силите на слободниот пазар, тој анархично започна да се шири, преку дивоградби кои беа легализирани преку ноќ. Преку процесот на приватизацијата, домувањето стана најпогоден бизнис во градот. Ваквата профитерска логика на домувачките бизниси не само што изгради цели населби без минимални стандарди за здраво социјално живеалиште за жителите кои живеат во нив, туку ги уништи и дотогаш постоечките капацитети на градот и неговите населбите за нормален живејачки простор. Социјалната беда која владее во градот ја уништува секоја атмосфера за добрососедски односи и другарски врски на жителите во градот. Скопје денес вирее под црна прекривка на смогот, што прави да биде еден од најзагадените градови на континентот. Бурлеската во класната поделба пак секојдневно заради задоволување на хировите на богаташите во градот ја јаде планината Водно и ги уништува сите зелени површини во градот.
Да ја паметиме 1963, во име на жртвите, во име на трудот, во име на солидарноста, но да не замижeме пред систематскиот сотреж на градот кој требаше да е симбол на светската солидарност.