Солидарност со Грција

Електронското гласило Антропол изразува сочувство за многубројните жртви во пожарите кои ја зафатија Атина. Пожарите во Грција честопати не се случајни, туку се намерно подметнати, со цел да се ослободат површините од шуми и полесно да се распродадат на големите поседници. Во таквите процеси, интересот на капиталот е поставен над интересот на граѓаните, а профитот се остварува макар и по цена на животот. Работниците во Македонија знаат како е животите да им бидат вреднувани помалку од профитот на големите компании. Како најсвеж и еклатантен пример за тоа е обидот за отворање на рудниците на смртта во југоистокот.

Само работничката солидарност може да се спротивстави и стави крај на колатералните човечки и еколошки жртви во име на капиталот. Во ваквите моменти, важно е да се потсетиме дека национал-шовинизмот само не дели во нашата заедничка борба за подобар, поквалитетен и слободен живот и да не дозволиме тој да ја спречи нашата солидарност.