Говор на гнев или говор на омраза?

Основното јавно обвинителство најави отварање постапки за кривично дело “говор на омраза” против поединци што јавно (на социјалните мрежи) ликуваа за пожарот во Грција и неговите последици. Иако таквите коментари беа грозни и без оправдување, тие ни оддалеку не се она што означува говор на омраза.

Прво, треба да разгледаме што е говор на омраза и поважно, која е причината што тој е казнив во Македонија.

Има два начини да се разгледува концептот на говор на омраза. Првиот, идеалистичкиот, е дека говорот на омраза е секој говор (нормално тоа може да е и пишан итн.) кој што врши реторички напад врз поединец или група врз основа на нивната националност, раса, религија, пол, итн. Вториот, оној базиран на материјална реалност, на прв поглед е сличен или суштински ист со првиот, но тоа не е така. Вториот начин на разгледување на концептот говор на омраза бара заканата од тој говор да е реална, а не имагинарна.

Само доколку го земеме материјалниот концепт на говор на омраза, можеме да замислиме зошто тој би бил легитимно сметан за кривично дело. Доколку било каква омраза е искажана, но без никаква можност таа омраза да се преточи во дела, таа не е опасна по физичката сигурност на ниедна индивидуа па нема зошто на нас, обичниот народ, да ни се јави потреба да ја казнуваме. Тука доаѓа на ум цитатот на афро-американскиот револуционер и борец за човекови права Стоукли Кармајкл: “Ако белецот сака да ме линчува, тоа е негов проблем. Ако тој има моќ да ме линчува, тоа е веќе мој проблем. Расизмот не е прашањ на став, туку прашање на моќ”

Како пример за ова во Македонија, би можеле да ги земеме Ромите и говорот на омраза према нив. Кога некој Ром или Ромка би изјавил/а нешто со омраза према македонскиот етникум, тоа не би било говор на омраза. Бидејќи, очигледно, нема ниту еден ромски политички ентитет/организација (пример Амди Бајрам) политичко-економска моќ да опустоши заедница во која претежно живеат етнички македонци (пример општина Карпош), ниту пак таму да ги укине некои од основните услови на заедницата (пример училишта, живеалишта, вода, канализација и сл.). Обратното, за жал, не важи, како што една кратка прошетка низ ромските населби и разговарање со жителите веднаш покажува. Слично е со динамиката на моќ помеѓу мажите и жените.

Се разбира, ова не важи и за владеачката класа/елита. Додека мотивот на нас, обичниот народ, би бил заштита на послабите елементи меѓу нас, власта има сосема друг – казнување на неистомисленици. Ова е очигледно од самиот факт што уредникот на провладиниот весник Слободен Печат не е меѓу гонетите за говор на омраза. Слободен Печат објави фотографија на насловна страна од сиромашна жена и се исмеваше со фактот што таа е пресиромашна за да се грижи за своето здравје (во конкретниот случај здравјето на своите заби). Ова Е говор на омраза (класизам), бидејќи таквата реторика носи до дехуманизација на најсиромашните слоеви на работничката класа во очите на тие што се малку постабилни финансиски или/и се дел од  владеачките слоеви. Дополнително е извршено од лакеј на владеачката класа чии интереси се јасни и по неговите пишувања и од државните финансии што ги добива. Како ефект од тоа, ако поминеше без јавна критика ќе беше можноста на власта полесно (со помал отпор) да спроведува политики против сиромашните поради нивната дехуманизираност.

Од друга страна, Миленко (како највлијателен меѓу потенцијално гонетите), кој иако напиша грозоморни работи, не изврши говор на омраза. Македонија е, сакале ние или не, далеку послаба од Грција во светот, слично како Ромите од Македонците во Македонија. Дури ни кога некој помоќен од Миленко би напишал нешто такво, пример премиерот како “главата” на извршната власт или пак претседателот како врховен командант на воените сили, не би било говор на омраза. Нашата власт таквите реторички напади не би можела да ги преточи во економски, дипломатски, а најмалку воени па колку и да сака.

Затоа, да се сметаат ваквите безумни писанија и изјави како говор на омраза би значело банализирање на самиот концепт и би било пандан на тоа клоцањето на бебето во стомакот на мајката да се смета за семејно насилство.

 

став на Гораст Муратовски, член на ЦК на Левица