АктуелноЛокално

„Црвениот Поет“ бојкотиран од „шарените“

„Црвениот Поет“ е мини-серија во македонска продукција за револуционерот, истакнат комунист и поет, Коста Солев Рацин. Серијата заврши со снимање во 2016 година, но, иако таа го помина и процесот на пост-продукција и истата е подготвена за емитување, сепак со тоа се одолговлекува речиси година дена.

Серијата „Црениот Поет“ е финансирана од Агенција за Филм при Министерството за Култура, и за сето тоа даночните обврзници платиле 23 милиони денари. Проектот уживаше поддршка дури и од самата (тогашна) министерка за култура, Канческа-Милевска.

Иако во серијата Кочо Рацин не е претставен само како заљубен поет, туку, се обрнува големо внимание на неговите револуционерни идеи и активности во тогашното комунистичко движење, министерството за култура под управа на ВМРО-ДПМНЕ го одобри и финансираше проектот. Денес, кога наводно левичарската СДСМ е на власт, работата е сосема друга. Со промена на власта, емитувањето на серијата, кое беше ветено од МРТВ, се одолговлекува со месеци.

Антропол дознава неофицијално од вработени во МРТВ дека серијата се саботира поради нејзината содржина. Поточно, поради прикажувањето на теророт кој е вршен на овие простори од страна на монархо-фашистичката влада на Бугарија, за време на Втората Светска Војна. Наводно, поради добрососедскиот договор со Бугарија, владата на СДСМ врши притисок да не се емитува нешто што би одело против новите ревидирања на историјата.

Ако овие информации се вистинити тоа би значело дека владата, поради некомпетентната дипломатска „стратегија“, жртвува, не само 23 милиони денари од нашите даноци, туку и врши културно-уметничка и историска цензура.