Левица: Министерството на Шаќири ги занемарува талентираните ученици во државата
- Реакција на политичката партија Левица
Законот за основно образование предвидува донесување Концепција за откривање и работа со талентирани и надарени ученици во соработка со БРО. Ако соработуваат синхронизирано како и за педагошката документација, министерот Јетон Шаќири во јуни месец се бранеше дека свидетелствата се работа на БРО, талентираните и надарените ќе мора да почекаат.
Концепцијата ја нема, неизвесно е кога ќе ја има, но со оглед на останатите законски одредби на оваа тема во Законот за основно образование во кој сите прашања кои МОН нема желба и/или капацитет да ги реши се раскажани како приказна, тешко дека и таа ќе им помогне на талентираните и надарените ученици да го најдат патот низ лавиринтите на македонското образование.
Според законските одредби предвидено е дека талентираните и надарените ученици треба да добијат зголемени обврски во училиште. Нивните наставници треба тие часови да ги реализираат бесплатно, надвор од фондот за часови.
Сепак, во овој момент нема изработка на посебна образовна програма за оваа категорија на ученици и предвидени средства за нивно усовршување.
Грижата и инвестицијата во образованието, а особено во најквалитетните, се гаранција за просперитет на едно општество. Поткопувањето на образованието во темел со водење недоветни образовни политики е удар во коренот на државата!