Институциите против народот – Антикорупциска комисија заштитник на Народната банка и индиректно трет заштитник на Стопанска Банка АД Скопје
- Текст објавен од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска Банка – АД Скопје
На 30 декември 2020 година до Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесовме пријава против челните лица на Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска, тројца директори од секторот супервизија (Викторија Глигорова, Евица Делова Јолевска, Горан Спасовски) и советничката на гувернерката Милица Арнаудова Стојановска. Измина повеќе од една и пол година, од Комисијата ни трага ни глас.
Законскиот основ за поднесувње на пријавата, според наше оценка, лежи во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (скр. ЗСКСИ) и побаравме ДКСК:
- да поведе постапка по пријава на друго лице (чл. 76 ст. 2 алинеја 3);
- да постапи по пријавата за сомнежи за корупција и судир на интереси (чл. 17 т. 3);
- да покрене иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност на службени лица (чл. 17 т. 4);
- да постапи во случаи на судир на интереси (чл. 17 т. 9);
Според наше разбирање на термините и одредбите од ЗСКСИ препознаваме пасивна корупција и судир на интереси, и повреда на Начелото на законитост и Начелото на интегритет, кај сите или кај некои од лицата опфатени со пријавата.
ДКСК во својата истрага очекуваме да постапи согласно законските надлежности. Притоа, да утврди каков бил ставот на секое одговорно лице во НБ, односно дали имало различни ставови помеѓу нив и дали е тоа написмено (записник од состанок, извештај, мислење, …).
Во Законот за НБ, чл. 70 се однесува на судир на интереси: “(1) Членовите на Советот на Народната банка и вработените се должни да избегнуваат ситуации кои можат да создадат судир на интереси. Судир на интереси постои кога членовите на Советот на Народната банка или вработените имаат приватни или лични интереси кои влијаат или можат да влијаат врз објективното извршување на нивните задачи. Под приватни или лични интереси на членовите на Советот на Народната банка или вработените се подразбира каква било корист што потенцијално може да ја имаат лично тие, нивните семејства и нивни роднини до второ колено.”
За оваа пријава доста ни помогнаа прирачниците и упатствата издадени од ДКСК, од кои издвоивме едно прашање од само проценка: “Дали сега, или во иднина, може да имам корист од таквиот интерес, што би можело да фрли сенка врз мојата објективност?”. Нашиот одговор е ДА, а како примери ги наведовме следните: сегашниот генерален директор Тони Стојановски во Стопанска Банка Скопје дојде од НБ, Глигор Бишев од вицегувернер во НБ стана генерален директор на Банката.
Човек ќе помисли дека во мала земја можни се такви кариери, но акцентот го ставаме кога трансферот е на висока позиција. Дека сите лица опфатени со пријавата имаат потенцијална можност за таков трансфер, имаат. Тоа во иднина може да доведе до остварување на материјална корист за себе или за близок член од семејството, па затоа денес не се впуштаат да го отстранат пропустот на НБ од пред 18 години прогласувајќи се за ненадлежни. Пропустот е направен во 2004 година кога стапи во сила нов Закон за трговски друштва, согласно кој акционерските друштва беа должни да ги внесат правата од акции во статутите и гарантираната дивиденда на приоритетните акции да биде утврдена во фиксен износ.
За непреземањето мерки кон Банката, за нас, одговорни се сите лица опфатени со пријавата.
Советничката, која е опфатенаво пријава, во време на поднесување на укажувањето од акционерите (февруари 2019) до НБ беше на позицијата Директор на супервизија, а есента 2019 година стана советник на гувернерот. Пред и по функцијата на советник, курсот по кој се движи и денес НБ е непроменет – немаат надлежност. Советничката е сопруга на вториот генерален директор на Банката Тони Стојановски. На интернет страната на НБ сеуште стои дека Милица Арнаудова Стојановска е генерален директор на Секторот за супервизија.
Дали советничката била на таа позиција уште во 2004-2005 година, кога Банката требало да го усогласи Статутот со ЗТД, не ни е познато. Но, истрагата на ДКСК може да покаже дали и што побарала НБ од Банката да стори во поглед на усогласување на Статутот во периодот од обраќањето на акционерите до НБ во февруари 2019 до денес. Нашето сомневање е дека и тогаш, пред 18 години, НБ не побарала Банката да го усогласи Статутот, со причина! А, денес кога се бориме да докажеме дека е фаличен Статутот, наидуваме на невиден отпор (од НБ и Банката) и притисок (Банка), што е потврда за оправданоста на нашето сомневање.
Прашања за гувернерот на кои немаме одговор:
- Зошто дава согласност на Статут, а добил укажување (од акционери и од КХВ) дека не е усогласен со ЗТД и продолжува да дава на наредни измени на Статутот?
- Дали ги проверил наодите од Дополнението на укажувањето во однос на неточно презентирани податоци во финансиските извештаи (ФИ) на Банката?
- Дали НБ стапила во контакт со ревизорот во врска со прашањето на точноста на презентирање на правата од приоритетните акции во ФИ на Банката?
- Што преземала НБ во однос на непочитување на Надзорниот Одбор на Банката на домашните законски прописи (претходно наведени) и на грубо кршење на основните принципи на корпоративно управување од страна на Банката?
Тоа што Банката не покажува намера и добра волја да го реши констатираниот проблем е доказ дека таа продолжува грубо да ги крши трите од осумте Основни принципи на својот Кодекс на корпоративно управување (Принцип на гарантирање на правата и интересите на акционерите, Принцип на следење на законите и етичките стандарди, Принцип на општествена одговорност и развивање на партнерство со акционерите и заинтересираните субјекти). Кодексот е донесен во согласност со Одлуката на НБ за “Правила за добро корпоративно управување во банка” (СВ 24/18) и е предмет на оценка на супервизијата на НБ.
Согласно изнесените законски одредби (од Законот за банките, Законот за НБ, Одлуката за начинот на вршење супервизија и надзор)во пријавата немаме никаква дилема дека НБ намерно не презема мерки за да го реши проблемот со неусогласен Статут на Банката и има целосна одговорност. Но, се прашуваме: Дали одговорност има само кај гувернерот? Не! Преку супервизијата се оценува усогласеноста на работењето на банката со прописите. Тоа значи дека, одговорност има и кај директорите во секторот супервизија и двете дирекции (теренска и вонтеренска). Гувернерот и раководните лица од супервизија имаат надлежност да ги проверат наводите во укажувањето и да постапат, а гувернерот да изрече мерка кон Банката заради неусогласен Статут. Зошто тоа не го направија досега и не сакаат да го направат, одговор треба да даде ДКСК!?
А, зошто ДКСК досега недала отчет што презела, може само да претпоставуваме. Дали Меморандумот за соработка што го склучија ДКСК и НБ на 14. јули 2022 година ќе ја помрдне пријавата од тапкање во место или ќе ја бетонира, останува да видиме!?
- Претходни текстови од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска Банка – АД Скопје:
– Институциите против народот – Случај Стопанска Банка – АД Скопје
– Институциите против народот – Народната Банка заштитник на Стопанска Банка – АД Скопје