Институциите против народот – Комисија за хартии од вредност, вториот заштитник на Стопанска Банка АД Скопје
- Текст објавен од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска Банка – АД Скопје
На 9-ти јуни 2021 година се обративме до Комисијата за хартии од вредност (во понатамошниот текст Комисија), со барање таа да постапи согласно нејзината функција, утврдена во членот 184 алинеи а) и г) од Законот за хартии од вредност, односно да преземе мерки за спроведување на овој закон и на законите кои се во нејзина надлежност, да изврши контрола над актите за издавање на акции на издавачот Стопанска Банка АД Скопје (понатаму Банка), со кои се издадени приоритетни акции, да преземе мерки и да донесе одлуки за заштита на интересите на лицата кои се сопственици на тие акции и да спречи нечесни и незаконски дејствија поврзани со работењето со приоритетните акции издадени од банката.
Барањето беше во согласност со Деловникот за работа на Комисијата, според кој таа може да донесе и издаде мислење во врска со законска и подзаконска регулатива и може да постапи во заштита на правата на барање на правни и физички лица.
Пред поднесување на Барањето акционерите повеќе од две години имаа интензивна комуникација со Комисијата. Разни нејзини претставници ги искажуваа ставовите, но, проблемот никогаш не се најде на седница на петте комисионери. Според извори од Комисијата, тоа било грешка на претседателката. Тоа го сфативме сосема објективно, имајќи предвид дека од пратеник, станала претседател на Комисијата. Ова барање беше разгледано од комисионерите.
Спорот што го имаат имателите на приоритетни акции со Банката е заради нејзино погрешно толкување на одредбите од Законот за трговски друштва (ЗТД), што се однесуваат на можноста приоритетните акции истовремено да бидат од класите кумулативна и партиципативна (прв елемент на спорот), и износот на гарантираната дивиденда (втор елемент на спорот). Комисијата, спротивно на Деловникот, не даде толкување, бидејќи го прогласи Барањето за недопуштено и на тој начин не втурна во судска војна што ќе трае со години, проследена со огромни трошоци и психичко истоштување.
Елементи на спорот за кои Комисијата одби да се произнесе
Прв елемент на спорот. Приоритетните акции Банката ги има издавано во три одлуки за емисии на акции во 1991, 1994 и 1996, согласно тогаш важечкиот Закон за хартии од вредност (ЗХВ) од 1989 (СЛ на СФРЈ бр. 64) кој содржеше одредба за елементи на одлуката за издавање на акции (чл. 20 ст. 2), помеѓу кои е елементот правата што ги остварува имателот на приоритетна акција.
Банката во одлуките за издавање на акции го одредила правото на кумулативност и правото на учество во распределбата на добивката (партиципативност). Двете права постојат заедно, не се меѓусебно противречни, нити пак, меѓусебно се исклучуваат или заменуваат и не постои одредба ниту во ЗХВ, ниту во ЗТД, што забранува истовременост.
Не постои одредба во тогашните ЗХВ, но и во сегашниот ЗХВ што дозволува правата на приоритетните акции да бидат условени, нити пак да зависат од одлука на Собранието на акционери со што би се доделило ново право на приоритетните акции во иднина. И во Законот за облигациони односи е одредено, дека хартијата од вредност мора да содржи точно означена обврска на издавачот.
Општо правило и пракса е дека издавачите можат да дадат онолку права на приоритетните акции, колку што компанијата е спремна да им даде, за да ги направи акциите попривлечни за инвеститорите. За потврда на ваквото тврдење наведовме:
– примери за приоритетните акции што беа доделувани на Фондот за ПИО на РМ, кои истовремено беа партиципативни и кумулативни.
– пресуда на Врховниот суд на Словенија, кој иако е од друга земја, го наведовме затоа што во словенечкиот ЗТД членовите кои ги одредуваат видовите и правата на акции се (речиси) идентични по содржина со членовите од македонскиот ЗТД. Судот немаше никакви дилеми и го користеше називот “кумулативната партиципативна приоритетна акција”,
– примерот на Комерцијална Банка АД Скопје, која врз основа на исти прописи од 90-те години издаваше приоритетни акции што имаат права на кумулативност и партиципативност, и усвојуваше одлуки за исплата на дивиденда (од 1991 до 1997) со што ги реализираше дадените права, и други.
Вториот елемент на спорот се однесува на правото на гарантирана дивиденда. Во одлуките за издавање на акции на Банката гарантираната дивиденда се пресметува по формула. Исправка на ваквата формулација не е направена до ден денес, иако со измената на ЗТД во 2004 (СВ бр. 28) е воведена одредба со која приоритетните акции имаат право на дивиденда во однапред утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата. Рокот за усогласување беше до 30.6.2005 год., до кога Банката беше должна да го усогласи и Статутот со додавање на одредби за “класата, правата, обврските, ограничувањата и погодностите” за приоритетните акции.
Банката дури по 15 години, откако акционерите констатираа неусогласеност со прописите во февруари 2019, на 46-та седница на Собранието одржана на 19.11.2019 година, предложи Статутарна одлука за изменување на Статутот која се однесува на правата од акциите, но, таа предлог- одлука беше дадена од позиција на сила, од страна на мнозинскиот акционер, и акционерите не ја прифатија.
Од сето погоре наведено и од фактот дека дивидендата е темелно имотно право од акциите, побаравме Комисијата во рамки на своите надлежности да се вклучи во решавање на овој случај, да ги заштити интересите на имателите на приоритетни акции и да донесе одлука во која:
- Ќе констатира дека Банката го нема усогласено Статутот со ЗТД,
- Ќе констатира дека Банката ги прекрши одредбите од ЗХВ,
- Ќе одлучи да издаде решение со кое Банката се задолжува да ги исправи незаконитостите и неправилностите во утврден рок,
- Ќе одлучи јавно да ги обелодени информациите за незаконитостите и неправилностите на Банката,
- Ќе одлучи да донесе и издаде мислење во врска со износот на гарантираната дивиденда и можноста приоритетните акции истовремено да бидат од класите кумулативна и партиципативна
Комисијата Барањето го оквалификува како недопуштено, па така не поведе постапка. Главна причина за таквата одлука беше што акционерите имаат поведено судски спорови, и што Комисијата има одговорено на сите дописи претходно доставени од акционерите. Се прашуваме како е можно да донесе ваква одлука!? Па, акционерите немаше да поведат судски спорови доколку Комисијата преземеше мерки!? Ништо не ја спречува Комисијата да постапува, и покрај судските спорови кои се во тек!
Пет месеци пред поведување на споровите, Комисијата беше во тек со констатираниот проблем. Таа, во одговорот до акционерите од 6.3.2019 извести дека: “…ги анализираше одредбите од Статутот на овој издавач и констатираше дека отсуствува поблиску прецизирање на приоритетните акции и правата што тие ги даваат и притоа настанува правна дискрепанца во поглед на правата што според важечките законски прописи ги даваат приоритетните акции, со правата што во пракса се остваруваат од сопствениците на издадените приоритени акции на Стопанска Банка АД Скопје. Во оваа смисла, забележително е и под реryлираност во тој дел на Статутот, а оттаму и недоволна транспаретност во јавно објавениот Проспект на Македонската Берза АД Скопје за правата кои ги даваат приоритетните акции. ….
Би сакале да Ве информираме, дека Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија и укажа на Стопанска Банка АД Скопје за воочените недостатоци на Статутот и Проспектот во однос на правата на акционерите иматели на приоритетните акции, со цел таа навремено да изврши промена во истите.”
Комисијата ја информираше Народната банка, во однос на направената анализа на статутот, но таа, како што пишувавме во претходната колумна, ништо не сака да преземе.
Констатации има, мерки кон Банката нема. Ваквиот однос на Комисијата можеби и не треба да не изненадува, имајќи предвид ставови на нејзини вработени. Еден од ставовите е всушност содржан во прашање на една вработена: “Што чекавте 15 години да реагирате за неусогласениот Статут и незапишани права во него?”. Наместо акционерите да упатат такво прашање, те. зошто Комисијата не неправила контрола во 2004г., таа нас не праша! Па, кој спроведува закон? Акционерите или Комисијата?
Друг став е содржан во одговор на прашањето поставено од акционерите “Што претставува т. 11 (н.з. право на партиципативност) во одлуката за втора емисија, право или нешто друго?” Одговорот кој го добивме е “немојте такви прашања”.
Трет став е што не упати до Македонската берза од неа да бараме да ги суспендира акциите на Банката заради пропусти во Проспектот за котација, а од таму ни одговорија дека требало Комисијата да им се обрати.
Ваквото однесување на Комисијата не води до заклучок дека врши прикривање на сторените пропусти во минатото, воедно помагајќи и на Банката успешно да го заврши спорот.
- Претходни текстови од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска Банка – АД Скопје:
– Институциите против народот – Случај Стопанска Банка – АД Скопје
– Институциите против народот – Народната Банка заштитник на Стопанска Банка – АД Скопје