Шакири: Не треба да е предмет на дискусија тоа што бројот на часови по македонски јазик се намалува

Во текот на протестите против францускиот предлог, каде една од главните причини за бунтување на граѓаните беше загрозувањето на македонскиот јазик како клучен дел од националниот идентитет, и давањето еднострана изјава од страна на Бугарија која уште еднаш го спори неговото постоење, Министерството за образование предводено од Јетон Шакири одлучи бројот на часови по македонски јазик да биде намален.

Одлуката со која се намалуваат часовите по македонски јазик во второ и трето одделение од шест на пет неделно, не треба да се поврзува со теми важни за општеството, рече во Собранието министерот за образование и наука Јетон Шакири, одговорајќи на пратеничко прашање дали ваквата одлука мораше да се потпише на 12 јули, во екот на протестите против францускиот предлог.

Шакири вели дека измената на наставните програми предвидува намалување на бројот на часови и за албанскиот и за други јазици, но ќе се компензира со часови за читање и други дополнителни активности. За Министерот Шакири намалувањто на бројот на часови по македонски јазик не е важна тема и вели дека ова не треба да биде предмет на дискусија.

Ова не треба да биде предмет за дискусија и не би сакал да се поврзува со теми важни за нашето општество зашто кога се донесуваат одлуки за усвојување на една студиска програма за новата учебна година, не е битно кога тоа се прави – кој датум или кој месец. Програмите ги носи Бирото за развој на образованието, а нивното потпишување е редовна постапка во Министерството за образование, истакна Шакири.