Институциите против народот – Случај Стопанска Банка – АД Скопје

  • Текст објавен од Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска Банка – АД Скопје

Со овој проблем кој е предизвикан од најголемата банка во државата се соочуваат над 3600 граѓани! – За истиот ниту една надлежна институција не сака да преземе мерки, а ниту судот не собра храброст да пресуди против Банката. Во продолженија од неколку колумни ќе ја запознаеме јавноста и ќе објасниме за каков проблем се работи и што се е преземено за негово решавање. Заклучок, дали институциите работат против народот, ќе оставиме јавноста да донесе!

Каков проблем постои, кој го предизвика и кој е надлежен за негово решавање?

Стопанска Банка АД Скопје е најстарата банка во државата, постои од 1944 година. После 55 години, во 1999 година премина во рацете на доминантниот сопственик – Националната Банка на Грција (НБГ), заедно со уште две финансиски институции. Од 2010 година НБГ е единствен мнозински акционер со приближно 95% право на управување. Повеќето граѓани мислат дека НБГ е државна банка на Грција (како што е нашата Народна Банка), но точно е дека таа е акционерско друштво односно приватна банка.

Многумина се сеќаваат на катастрофалниот процес на приватизација во деведесетите. Стопанска Банка, по заслуга на тогашната Влада на РМ, на чело со премиерот Љубчо Георгиевски, во 1999 год. беше продадена на НБГ, и покрај сериозните анализи и преговори за продажба на банката со една од најголемите австриски банки. Денес, по 22 години, поранешните вработени се’ уште жалат по несудениот „австриски газда“, а таквото чувство го оправдуваат со тоа што беа и се сведоци на деспотското однесување на „грчкиот газда“.

Стравот кај вработените да проговорат за одреден проблем во банката, присутен е од самото преземање на банката од НБГ и поставувањето на Глигор Бишев за прв генерален директор (2000 год.), кој дотогаш беше заменик гувернер. Првиот сериозен проблем се случи веднаш по преземањето во првите 2-3 години: банката на вработените им го одзеде имотот кој се состоеше во одморалишта и го продаде за своја сметка. 

Оваа информација е од поранешни вработени, кои беа сведоци дека одморалиштата не беа на списокот на имот на банката при купопродажбата, што значи дека за нив грчката банка не платила ни цент. Одморалиштата беа изградени со пари на вработените, собирани во периодот на 70-те и 80-те години од минатиот век, во рамки на работните заедници. Продажбата на одморалиштата, вредни околу 1,5 мил. германски марки, се држеше во најголема тајност и денес ретко кој знае за тоа.

Колективната свест на Македонецот “да не се бориш кога ти се одзема нешто што е твое” беше присутна и помеѓу вработените во банката. Таквата незаконска продажба никој од вработените (јавно) не ја обелодени, нити пак некој поднел пријава до обвинителство, а повеќе од јасно е дека таа не беше можно да се реализира без знаење и согласност на тогашната Влада, Народната Банка и Агенцијата за приватизација.

Вработените доживуваа, и се’ уште доживуваат кршење на нивните работнички права (одвоен живот заради работа во друг град, отпремнина итн.). Некои се осмелуваа и да покренат тужба (ретко кој добива!). Но, за едни поинакви права, вработените никогаш не презеле ништо! Станува збор за правата од приоритетни акции, што вработените ги поседуваат од 1990 год., кога банката се трансформира во акционерско друштво (АД).

Да бидеш акционер и да ги знаеш своите права, и денес малкумина го разбираат тоа, а камоли пред 30 години. Акцијата претставува хартија од вредност во којашто е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот, кој, како сопственик на акцијата, не е доверител на друштвото, ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото. Акцијата, уште во СФРЈ во Законот за облигациони односи (ЗОО) од 70-те години, беше утврдена како писмена исправа со која нејзиниот издавач се обврзува дека ќе му ја исполни на нејзиниот законит имател обврската запишана на таа исправа, а обврската на издавачот мораше да биде точно означена. Овие постулати не се променети и во денешниот ЗОО.

А, што претставуваат приоритените акции? Тие, заедно со обичните акции, го сочинуваат основниот капитал на АД. Секое АД мора да има издадено обични акции и тие имаат право на управување (одлучување), додека приоритетни акции не мора да бидат издадени. Наједноставно да се разберат приоритетни акции, е дека тие се издаваат заради зголемување на капиталот на АД без притоа да ја нарушат управувачката структура или “односот на силите” (се мисли на процентите што ги имаат акционерите со обични акции). 

Заради таквата улога на приоритетните акции да се дел од капиталот на АД, а да немаат право на одлучување, им е дадено право на дивиденда (која се нарекува гарантирана, затоа што во вид на пари им следува секоја година) и право на првенствено остварувања на други права пред обичните акции (оттука и зборот приоритетни).

Првите акции (обични и приоритетни) банката ги има издадено кога во сила беа законите од 1989 година: Законот за хартии од вредност и Законот за банките и другите финансиски организации. Приоритетните акции се издавани во три емисии во 90-те години, а први сопственици беа вработените (по основ на стаж и работно место) и барателите на кредит (обврска беше кредитобарателот да купи одреден број акции зависно од висината на кредитот). Вработените со приоритетни акции, на нив се сеќаваа еднаш годишно: кога требаше да биде исплатена гарантираната дивиденда. 

Во 90-те години таа се исплаќаше во пари или во нови приоритетни акции (избор беше на вработениот). Од 2000 година таа се исплаќа само во пари. Со отворањето на Македонската берза, акциите почнаа да се тргуваат, и на тој начин инвеститори (правни и физички лица) се стекнале со овој вид акции.

До пред точно 3 и пол години ниеден акционер не знаеше која е точната обврска на банката по однос на приоритетните акции. 30 години банката исплаќаше само гарантирана дивиденда според една формула. Во јануари 2019, по извршен увид во одлуките за емисии, акционерите ја открија точната обврска што произлегува од правата од тој вид акции, а банката не ја исполнува (или попрецизно, доминантниот сопственик НБГ е тој што одлучува и тој е генератор на проблемот на акционерите). 

Ова денес го знаат можеби 1/4 од акционерите (од оние 3600+), а околу 1/10 правилно го разбираат, што е навистина мал број. Во серијата на колумни ќе дадеме објаснување и се надеваме дека тој број драстично ќе се зголеми. Загрижува фактот што претставници на регулаторните тела (НБ, КХВ), исто така, „не ја разбираат” точната обврска на банката.

Акционерите најпрво ги известија регулаторните тела, кои се надлежни за усогласеност на работењето со прописите, дека банката не ги исполнува обврските по приоритетните акции. Нивната реакција се сведе на формално укажување на банката, но не изрекоа никаква мерка со давање на рок и насоки. До овој заклучок дојдовме, бидејќи немаше реакција од страна на банката. 

Испративме и до неа укажување. После серија дописи до НБ и КХВ, НБ ни предложи да се спогодиме со банката или решение да бараме на суд. Останавме фрапирани! Спогодба НБГ не прифати, затоа поднесовме три тужби. Во меѓувреме продолживме со комуникацијата со регулаторните тела (дописи, состаноци) и ги проширивме активностите: поднесовме иницијатива до Уставен суд и пријава до Антикорупциска комисија против лица од Народна банка, баравме средби со владини претставници и со претседателот на државата (никој не не’ ни прими!), ги информиравме амбасадорите на позначајните држави и ЕУ, пративме дописи до странски институции, и почнавме да објавуваме текстови во медиуми. 

За патешествијата кои се случуваа низ лавиринтите на македонските институции продолжуваме во наредната колумна.