(Видео) Крмов: Со жив ѕид ќе ја браниме реката Пчиња

  • Пратеникот од Левица Борислав Крмов за систематската експлоатација на песок на реката Пчиња:

Бевме пред некое време во селата Горно, Средно и Долно Коњари кадешто се вршеше нелегално ископување на песок. Само што отидовме од таму, селаните беа заштрашувани со полицијата, беа повикани на информативни разговори во полициска станица, за да пред неколку дена повторно почне да се копа – и тоа на ново место.

Ние тука зборуваме за недопрена природа, тоа е најплодната земја околу реката. Тоа се некои 3 до 4 километри во должина и 60 метри во длабочина. Сега на повторното копање селаните излегоа и имаше инцидент каде еден од работниците нападна еден од селаните, но, за среќа беше спречен поголем инцидент.

Деновиве повторно се копа, за денес селаните да ги блокираат дивите копачи повторно. Интересно е што ние тука зборуваме за Кумановици, а вие Премиере нели сте Кумановец? Сега за грст сребреници ги продавате земјаците на диви копачи за да ја уништуваат една од најубавите реки во државата.

Според наши информации, се работи за фирмата ,,Прогрес’’ која е блиска до министерот Бектеши – што не е за изненадување повторно да го имаме ДУИ во приказната. Сега Министерката за животна средина не смее да реагира бидејќи трпи притисоци од вашиот Генерален секретар Миле Зечевиќ – Вардарски кој ќе го преименувате и во Пириснки, и во Егејски како што се ближат избори.

Ископот кој се случува е на своја рака иако концесијата е сопрена. Значи, моето прашање е дали планирате нешто да преземете да се запре систематското уништување на коритото на реката Пчиња.

На сите им е јасно дека сте подреден партнер во Владата и дека ДУИ раководи. Второ, како се стопирани ископите? Минатиот пат излезе инспекција од вашето министерство и установи дека нема копање. Копање има повторно!

На селаните им е речено едно, а се прави друго. Како ја следите состојбата тогаш? Ако ја следите тогаш излезете на терен, денеска луѓето протестираат и ќе се тепаат а имало и медиуми. Вие седите тука а требаше да ја пратите вашата заменичка. Еве јас ќе одам, ќе се тепам со багеристите. Зошто вие не отидете?’’