РЕАКЦИЈА на Спас за Валандово до “новинарското” бизнис лоби
Ви го пренесуваме ставот на „Спас за Валандово“ врзано со „објективното“ медиумско покривање на настаните.
Во светот нa новинарството некогаш постоеше (барем обид за) правење разлика помеѓу вести и реклами. Денес таа разлика е заматена, за што најдобар примерок се „адверторијалите” (кованица помеѓу advert i editorial = advertorial) коишто се’ почесто се појавуваат на страните на тн „слободен” печат во земјава. Адверторијал или ПиАр рекламните статии се пишувани во форма на објективна новинарска вест, претставена така со цел да изгледа како легитимна и независна новинарска приказна или став. Обично, ПиАр фирмите се појавуваат како посредници помеѓу новинарите и приватните фирми, хранејќи ги со теми и содржини со кои тие ги полнат страниците на весниците или на нивните портали. Наградени се секако, покрај со содржина и со соодветни хонорари.
На македонското журналистичко небо, после доаѓањето на „животот”, и осамнувањето на „слободниот” печат, се отворија и нови можности за вакви тезги за новинари чиишто услуги не беа на радарот на Груевски и неговите политички и бизнис сателити. Со оглед на годините изгубен профит, како логичен следен чекор за ново „ослободените” новинари, сега се појавува нивната отвореност и „страст” за претставување на другата страна – како на пример страната на приватни фирми и странски и/ли домашен капитал кој има пракса да пласира реклами во облик на објективни вести со цел да шири пропаганда во одбрана на своите интереси.
Ваквите пракси сигурно не ги практикуваат медиуми како „Слободен печат” и ПлусИнфо, бидејќи се водени од принципите за слобода и правда, одбрана на обесправените и давање глас на тие кои го немаат. Токму тие принципи се веројатно позади вчерашниот текст на Бранко Геровски со наслов „Нека се слушне и другата страна!”. Другата страна во случајов е Сардич МЦ- концесионерот на рудникот во Казандол. Водени од слични пориви за објективност и правда, ПлусИнфо вчера објави други две вести во одбрана на рудникот во Казандол- едната беше објава во целост на сооштението од Сардич МЦ. Другата вест е исто така интегрално пренесување на соопштение од фирмата, но овој пат со вовед во кој се нагласува дека сооштението е одговор на барање на ПлусИнфо упатено до фирмата “да се огласи со сопствените правни аргументи, по најавата дека Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија за рудникот Казандол”.
Со оглед на тоа што само во еден ден 3 вести се објавена на оваа тема на ист портал, претпоставката е дека уредничкиот тим има голем интерес на темата- што е за поздравување со оглед на бројните економски, еколошки, но и демократски и правни реперкусии кои отворањето на рудниците би ги имало врз земјава, па и врз самите уредници на порталот ПлусИнфо.
За потсетување, во 2012 година во само еден ден беа потпишани 86 концесии за рудници. Во нивното потпишување не беше слушната другата страна! Тогаш Бранко Геровски не напиша текст за опасноста на ваквата постапка, немаше текст во кој што предупредуваше на претворање на југоисточниот дел во пост-апокалиптична панорама доколку се спроведат само дел од овие 86 концесии. Немаше обид за балансираност и за објективност. Останува да погаѓаме зошто тоа е така?