Слободни сме, ама молчи-театар

Една птица на друга птица и раскажува:
„…Слободни сме.”
„Со кого сме?”-прашува онаа што има скршена нога.
„Со никого. Слободни сме.“
„Молчи! Може не е така”- одговара другата птица
„Лулка“ Б.Миневски

Ако некој годинава требаше да ја напише македонската порака за Светскиот ден на театарот, 27 март тогаш тоа требаше да биде некој од ансамблот на Прилепски театар. Некој од оние актери кои единствени заеднички излегоа на сцена за затворањето на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во јуни 2017 година и на примањето на наградата (целосно заслужена за колективна игра) јасно изразија критика кон одлуките кои се носат во театрите и на фестивалите, одлуки кои повеќе наликуваат на хирови и се во склоп само со нечии интереси.

На таквите актери/ансамбли се сеќаваме само кога за вредноста на сработеното треба да ги наградиме на фестивал (и тоа е нешто, нели), но упорно ги забораваме преку цела година кога работат во супстандарни услови. И не е само тој театар со проблеми од техничка/функционална природа. Меѓутоа никогаш не е право време да се зборува за проблемите во театарот. Дури ни кога заменик министерот доаѓа од театрската фела, а сепак заборава да нагласи што е приоритет за решавање. Кога заборава што треба да се вклучи во стратегијата. Кога под негова „стража“ се случи уште еден конкурс да помине без младите театарџии да добијат ниту денар поддршка за своите проекти.

Денес на светскиот ден на театарот со претставата „Голем студ“ дипломира нова класа драмски актери. Актери кои студираа во едно комплексно време и услови. Актери кои изминативе четири години учејќи ни ги подарија „Лабораторија Хамлет“; „Пак три сестри“; „Елка кај Иванови“; дел од нив играа во „Народен непријател“; „System error“; дел учествуваа во „Време на забава“; дел од нив го основаа Младинскиот Алтернативен Театар -МАТ и за прва претстава храбро ја поставија „Хадерсфилд“ и дел од нив ја создадоа Импров групата.

Честитајќи Ви, ви посакувам да правите претстави кои ќе живеат. Долго. Но, најпрво претстави кои вас ќе ви прават да се чувствувате живо. Претстави за кои ќе се борите да го видат светлото на сцената. Ви посакувам и колку да бил тежок денот или процесот секој ден одново да му враќате на театарот со повеќе љубов и посветеност. Ви посакувам режисери и нови колеги на кои ќе им верувате и кои ќе веруваат во вас. Ви посакувам да растете. Да прифаќате и да барате критика. И никогаш, никогаш да не престанете да прашувате без разлика дали сте на или надвор од сцена. Филозофот Морис Мерло Понти пишува: „Со секое уметничко дело се отвара хоризонт на истражување, се овозможува она што пред него не било можно“. Нурнете во такви процеси и изронете на сцена и публиката ќе ја награди таа игра која е склоп од талент, љубопитност, посветеност, искреност и убавина.

И кога крајот е почеток, ќе го завршам текстов со дел од пораката која на овој ден пред 21 година ја испрати еден од најистакнатите наши драмски автори Коле Чашуле:

„Вечерва сите да се запрашаме: Има ли штогоде смисла да се верува во иднината на Театарот, денес и овде? Среде едно вакво померено, антитворечко, мисловно убого време? Во свет на тиња од разурнати вредносни критериуми. При планетарната закана со анонимност и при диктатура на кичот? Има! Театарот савек бил исконска потреба на човекот. Неговата исповед е огледало. Негов наук. Негова утеха. Негово паметење над и преку вековите. Негова мудрост и сила.“

Да се твори. Да се твори за слободата. Да се твори во име на вистината.
Среќен 27 март театарџии!

Марија Павлеска

Преземено од Радио МОФ.