АктуелноЛокално

По поднесената кривична пријава од Левица, седниците за пратенички прашања се враќаат во Собранието

  • Соопштение на Политичката партија Левица.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по пауза од една година се одлучи да свика посебна собраниска седница за пратенички прашања. Свикувањето на оваа седница се случи непосредно откако Левица поднесе кривична пријава против него, поради противправното игнорирање на оваа деловничка должност. Со тоа, пратениците ќе можат по пауза од една година да го искористат овој значаен демократски институт, кој им стои на располагање како уставно загарантирано право.

Неодговорната и нетранспарентната власт предводена од СДСМ и ДУИ е свесна за своите погубни политики и преку кршењето на Уставот и неспроведување на пратеничките прашања се обидува да избега од соочување со проблемите кои ги мачат работниците, земјоделците, обичните граѓани, како и од секојдневните политичко-кадровски владини скандали.

Премиерот и министрите цела година избегнуваа да одговорат за криминалот и корупцијата на владините функционери, неодговорната и нетранспарентна надворешна политика, како и лошото справување со енергетската и здравствената криза.

Пратеничките прашања се фундаментален облик на перманентна парламентарна контрола над извршната власт, согласно начелото на тријалистичка поделба на државната власт, кое е темелна вредност на нашиот демократски уставен поредок.

Како основен инструмент на вршење политичка контрола над работата на Владата од страна на Собранието, пратеничките прашања кои се поставуваат усмено на пленарна собраниска седница се моќно средство во насока на поголема транспарентност, отчетност и одговорност во работењето на министрите и јавните функционери.

Оваа суштинска форма на надзор над работата на владините службеници им овозможува на сите 120 пратеници, а посебно на оние од опозицијата, да ја стават на удар активноста на Владата и работата на секој одделен министер.